Отпуштениот директор на ФБИ Џејмс Коми потврди дека претседателот Доналд Трамп побарал од него да му посведочи персонална лојалност, како и да ја прекине истрагата за руската афера против поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, пренесоа агенциите.

Објавени се прелиминарни забелешки на Коми пред сенатската комисија за разузнавање. Тој опишува вечера со Трамп од 27 јануари, на која претседателот се обидел да воспостави контрола врз ФБИ.

Коми вели дека бил силно вознемирен од тоа, со оглед на статусот на ФБИ како традиционално независна структура во извршната власт.

Ексдиректорот на ФБИ прецизира дека Трамп изјавил: “Потребна ми е посветеност. Очекувам преданост .”

CNN цитира фрагмент од забелешките во кој тој ги наведува зборовите со кои Трамп се обратил кон него, за да запре истрагата: “Се надевам можете јасно да видите дека треба да го оставите ова, да го оставите Флин на мира . Тој е добар човек се надевам дека можете да го оставите ова. ”

Спомнуваме, Мајкл Флин беше принуден да поднесе оставка поради неговите контакти со рускиот амбасадор во САД Сергеј Кислек кои тој првично се обиде да го сокрие.

Во прелиминарните пишани  индикации Коми опишува и телефонски разговор со Трамп од 30 март, за време на кој претседателот исто така се обидел да го убеди да ја прекине истрагата за руските врски на неговиот тим.

Утре Коми ќе биде сослушан од комисијата за разузнавање во Сенатот.