Фудбалерите на Лацио го одиграа натпреварот од 1.коло од групата Е од Лигата на Европа во четвртокот на гости против Галатасарај во Истанбул, каде беа поразени со 0:1. Единствениот гол на натпреварот беше автогол на голманот на римскиот клуб, Томас Стракоша.
До 67 -та минута од натпреварот мрежите мируваа, а потоа се случи бизарна ситуација која го реши прашањето на победникот, во време кога немаше вистински закани.
Еден безопасен обид да расчисти центаршут во казнениот простор на гостинската екипа несмасно го фати Мануел Лазари, осамен, без ривали во круг од седум до осум метри околу него. Тој се обиде да ја шутне топката, но се што успеа да направи беше да јапрати топката високо во воздух. Топката доби неочекувана ротација и се упати со висок лак кон голот на Лацио.
Во ситуација што повеќето голмани би ја решиле без проблеми, Стракоша направи грешка фаќајќи ја топката со двете раце и постигна автогол со кој на Галатасарај му донесе три бода.