До средината на следната година македонските компании и институции треба да го усогласат своето работење со новиот Закон за заштита на лични податоци, што Собранието го донесе пред распуштањето во пресрет на предвремените парламентарни избори.
Законот всушност значи транспонирање во нашето законодавство на Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR), која од мај 2018 година се применува во земјите од ЕУ. Странските и компаниите од земјава што соработуваат со компании од земјите од ЕУ веќе ги применуваат одредбите од оваа регулатива, во спротивно, нема да можат да тргуваат со компании од ЕУ.
– Собранието на 16 февруари конечно го донесе новиот Закон за заштита на личните податоци, објавен во Службен весник бр. 42/2020. Тоа значи дека во периодот што претстои почнувајќи од 25 февруари 2020 година па во наредните 18 месеци ќе треба да се изврши целосно усогласување на работењето на сите што вршат обработка на личните податоци, почнувајќи од нас самите сега веќе како Агенција за заштита на личните податоци, продолжувајќи со сите контролори и обработувачи на лични податоци, изјави за МИА заменик-директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци Игор Кузевски.
Во наредниот период, како што најави тој, се очекува да бидат донесени подзаконски акти со кои ќе се овозможи практична примена и појаснување во начинот на примена на одредбите од Законот, а се очекува Агенцијата да работи на зајакнување на капацитетите за негова имплементација, но и активности за поддршка на контролорите и обработувачите да го усогласат своето работење со новиот закон, а граѓаните да бидат повеќе информирани за нивните права и како да ги остварат.
– Ние планираме да не чекаме 18 месеци, туку час поскоро да ги донесеме подзаконските акти, се разбира едновремено внимавајќи тие да претставуваат квалитетни решенија, кои ќе бидат во корелација со практиките во ЕУ. Значајно е да се нагласи дека во овој период ќе треба да се изврши усогласување и на секторската регулатива, односно усогласување на законите и другите прописи со кои се уредува обработката на личните податоци со одредбите на Законот, изјави Кузевски.
Паралелно, најавува заменик-директорот на Агенцијата, ќе се работи и на подигнување на свеста кај сите што ги засега новиот закон, за што веќе се подготвува нова програма и курикулуми за обука.
– Со тоа ќе се овозможи практично запознавање со решенијата содржани во новиот закон, а со крајна цел создавање таканаречена Privacy friendly околина насочена кон заштита во македонското општество, вели Кузевски.