Кон која страна ќе се сврти Црна Гора со новата Влада? „Во 2025 земјата може целосно да потоне во српскиот свет и да стане Република Српска на море“

од Nikola Popovski

Парламентот на Црна Гора доцна синоќа, по седницата која траеше цела ноќ, ја избра Владата на премиерот Милојко Спајиќ. Владата ја поддржаа 46 пратеници од Движењето „Европа сега“ на Спајиќ, партијата на неодамна распуштениот проруски Демократски фронт (ДФ), Демократите, Социјалистичката народна партија и албанските национални партии. Овие партии имаат министри во Владата, освен партиите на ДФ кои ќе влезат во Владата по една година, според Договорот со премиерот Спајиќ. Против биле 19 пратеници од опозицијата. Пет пратеници биле отсутни, а еден воздржан. Со изборот на Владата заврши техничкиот мандат на Владата на Дритан Абазовиќ, на која и беше изгласана недоверба во август 2022 година.

Што понатаму за Црна Гора и што се очекува од новата Влада?

Политичкиот аналитичар Љубо Филиповиќ во разговор за „Локално“ оценува дека оваа влада ќе биде претежно просрпска, делумно проруска и начелно проевропска.

-Мислам дека господинот Спајиќ нема да има сила да се справи со притисоците на една радикална структура како што е ЗБЦГ, односно поранешната ДФ, чиј шеф синоќа беше избран за претседател на црногорскиот парламент, тврди експертот.

На прашањето дали постои опасност по евроинтегративниот пат на Црна Гора со најавеното вклучување во Владата на ДФ во 2025 година, Филиповиќ смета дека во тој случај, Црна Гора целосно би потонала во српскиот свет и би станала Република Српска на море и огранок на српските државни и национални интереси.

Посочува дека биографијата на Спајиќ е беспрекорна.

Љубо Филиповиќ

-Сепак, неговото доаѓање на власт не е беспрекорно, бидејќи тој дојде на власт за време и со помош на српската националистичка кампања под диригентската палка на Српската православна црква. Мислам дека соработката со Милатовиќ нема да вроди со плод бидејќи Милатовиќ веќе неколку пати се покажа како партнер на кој не треба да му се верува. Досега ја користеше секоја прилика да им наштети на Спајиќ и неговата партија на сметка на Вучиќ, ни рече Филиповиќ.

Во Црна Гора беше предвидено да се одржи попис кој требаше да почне утре 1-ви ноември, но како и во нашата земја, и таму оваа статистичка операција не може да се помине без контроверзии.

-Кога и да се организира во ваква атмосфера, не може да биде легитимен процес. Црна Гора е под бран напади, односно српско-руска операција на влијание, која го менува нејзиниот кревок општествено-политички пејзаж. Намерата на попишувачот е да ги овековечи резултатите од таа кампања, вели црногорскиот аналитичар.

Околу најважните приоритети на новата црногорска влада, Филиповиќ објаснува дека финансиите се во многу лоша состојба по игнорантското управување со нив од страна на Абазовиќ.

-Втор приоритет е безбедносниот сектор, кој мора да се професионализира и чии капацитети мора да се зголемат, смета соговорникот.

За односите со соседите во иднина, Филиповиќ заклучува дека односите со Србија ќе станат неподносливо блиски на штета на односите со другите соседи.

Н.П.

Слични содржини