Епидемиологот и член на кризниот штаб на Србија, Предраг Кон, предупреди дека во ноември се очекува нов бран на корона. Тој вели дека сега се подготвуваат за тој период и потсети на неговата препорака маската да се носи на отворено, а не само во затворен простор.
„Повторно потенцирам и препорачувам да носите маска, не само во затворен простор, туку и на отворено. Таа препорака е заборавена. Свесен сум дека мал број луѓе носат маски надвор, но едно време мал број ги носеа во градскиот превоз и трговските центри се додека не станаа задолжителни. Препораката понекогаш може да премине и во мерка, никој да не биде изненаден ако е тоа така, ако сè оди во погрешна насока“, предупреди Кон, пренесуваат српските медиуми.
Кон посочува дека сега има релативно мирна ситуација, но сè може да се смени многу брзо.
„Брзината на враќање на вирусот е шокантна, сè може да се промени за две недели, кога сè врие на страна, во земјите околу нас. Есен е сега, доаѓа зима, мора да ја одржиме оваа состојба што е можно подолго. Кога ќе дојдат многу поволни услови за пренесување на вирусот, тоа се забрзува и по две недели овие мерки веќе не важат. Важно е да откриете каде нешто се случува, да ги намалите првите случаи. Луѓето сега се подисциплинирани, но има голем број инциденти“, предупредува епидемиологот.