Конгресот на Советот на Европа бара истрага за нерегуларностите за време на изборите во Србија

од Radmila Tasevska
303 прегледи

Набљудувачкото тело на Конгресот на Советот на Европа денеска соопшти дека е загрижено поради сериозните нерегуларности за време на парламентарните избори во Србија одржани во неделата и повика на детална истрага за тие случаи.

Портпаролот на тоа тело, Стјуарт Диксон, во Стразбур, како што беше соопштено, „изразил сериозна загриженост поради сериозните нерегуларности пријавени од партнерите на Конгресот во нивната заедничка меѓународна мисија за набљудување на предвремените парламентарни избори што се одржаа во Србија на 17 декември 2023 година“.

Се посочува дека во исто време во третина од српските општини, вклучително и главниот град, „се одржаа неочекувани предвремени локални избори по ненадејната и истовремена оставка на 65 градоначалници (и општински претседатели) од владејачката партија“.

„Пријавени случаи на заплашување и притисок на гласачите, вклучително и купување гласови, и веродостојни тврдења за миграција на гласачи и автобуси за гласање за време на локалните избори за поддршка на владејачката партија, особено во Белград, вклучување на имиња на починати лица на изборните списоци и злоупотреба на административните ресурсите во изборните кампањи се многу загрижувачки тврдења кои можат сериозно да го нарушат избирачкото право на граѓаните и да ја нарушат нивната доверба во демократскиот изборен процес на сите нивоа на власта“, се вели во соопштението.

„Покрај тоа, истовременото организирање на парламентарни и локални избори не придонесува за ефективен изборен процес на локално ниво, а ова прашање веќе беше покренато во претходните препораки на Конгресот за локалните избори во Србија“, рече Диксон.

Конгресот на Советот на Европа „во таа насока ги повикува српските власти да се справат со сите наводни случаи на прекршување на изборниот процес на локално ниво и да спроведат должна и ревносна истрага и да ги почитуваат стандардите за слободни и фер избори“.

Конгресот будно ќе ја следи состојбата во Србија – се вели на крајот од соопштението.

Конгресот на локални и регионални власти е институција на Советот на Европа, одговорна за зајакнување на локалната и регионалната демократија во нејзините 46 земји-членки. Тој обединува 612 избрани функционери кои претставуваат повеќе од 130.000 локални и регионални власти. Во Конгресот се сите политички групи кои имаат претставник во Европскиот парламент.

Слични содржини