Константин Георгиески е роден во Охрид на 9 октомври 1977 година. Со основно образование се стекнал во ОУ „Григор Прличев“, а средно училиште завршил во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“. Дипломира на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиj” во Скопје во 2003 година, а во 2009 година на истиот факултет завршува специјализација и се стекнува со звањето специјалист по интерна медицина. Своето прво работно искуство го стекнува во Специјалнаta болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” во Охрид, а од 2007 година е управител на Приватната здравствена установа „Дарон“ во Охрид, што има околу 20 вработени.
Георгиески беше носител на советничката листа на последните Локални избори во 2017 година, а по победата на СДСМ беше координатор на мнозинската советничка група во општинскиот Совет и заменик градоначалник на Охрид. По ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, Советот на Општина Охрид го избра за вршител на должноста градоначалник на Општина Охрид. Тој е оженет и татко на две деца.
Што е она што ќе им го понудите на граѓаните, по што се разликува вашата предизборна од програмите на другите кадндидати за Градоначалник на Охрид?
Граѓаните на Охрид пред повеќе од една година за градоначалник го избраа проф. д-р Јован Стојаноски, кој неизмерно го сакаше нашиот град. Тој имаше безброј идеи и огромна желба за промени, но прераната смрт не дозволи да ги реализира сите започнати проекти. Ветивме дека ние ќе продолжиме по неговиот пат и ќе го оствариме неговиот сон. Горд сум што бев дел од неговиот тим и веќе добро го познавам патот по кој заедно одевме. Имавме заедничка замисла да го направиме Охрид поубаво место за живеење.
Мојата предизборна програма е базирана на сето она што го имавме планирано заедно. Се работи за програма која е подготвена на реални основи и проекции и содржи остварливи проекти кои се од големо значење за охриѓани, но и за туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот најголем туристички центар.
Кои ќе бидат Вашите приоритетни проекти, доколку ја добиете довербата на гласачите?
Меѓу нашите најважни приоритети е да ја приспособиме целата постоечка урбана и рурална инфраструктура и да ја ставиме во функција на потребите на граѓаните. Во фаза сме на реализација на многу идеи и проекти за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина. Со поддршка на Министерството за транспорт и врски веќе е започната реконструкцијата на главната сообраќајница во градот ‒ булеварот „Туристичка“, а минатата година ја реконструиравме улицата „Македонија“ во центарот на Охрид. Планираме реализација на неколку значајни инфраструктурни проекти за реконструкција на улиците „Македонски просветители”, „Абас Емин”, „Егејска”, „ЈанеСандански”, „АСНОМ”, дел од улицата „7 ноември” и улицата „Прва Македонска ударна бригада”. Исто така планирано е уредување и реконструкција на Градскиот кеј покрај Охридското Езеро и плоштадот „Крушевска република“, со кои Охрид ќе добие современ лик, достоен за еден туристички и културен центар.
Наша цел, исто така, е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува, токму затоа посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде година на образованието во Охрид и за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование имаме издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850 илјади евра. Со овие средства се предвидени инвестиции во сите основни и средни училишта. Во нашата предизборна програма имаме и многу планови со кои сакаме да придонесеме за современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на Охрид. Во делот на туризмот, во соработка со туристичкиот сектор, предвидуваме креирање мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ. Веќе се изработува нова Стратегија за развој на туризмот, а планирана е и подготовка на нов концепт за развивање и промоција на здравствениот, спортскиот, верскиот и конгресниот туризам. Исто така предвидени се проекти за подобрување на водоснабрувањето, патната инфраструктура во селските средини, за подобрување на условите за децата, младите, старите лица и лицата со посебни потреби.
Каква ќе биде соработката со централната власт, дали очекувате поддршка во Вашето работење?
Со поддршка на Владата, Општина Охрид ќе се растовари од долговите и каматите кои со години го кочеа нејзиниот развој. Процесот на раздолжување е еден голем успех за сите нас. Финансиската стабилност ќе овозможи полесно функционирање и подобра иднина за општината, а ќе има повеќе средства за развојни и инфраструктурни проекти. Од големо значење за нас е и владината одлука за формирање на новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на Колекторскиот систем. Со тоа очекуваме конечно да се реши горливото прашање за заштита на нашето најголемо природно богатство ‒ Охридското Езеро. Исто така, во насока на заштита на езерото, веќе се преземени конкретни чекори заедно со општините Дебрца и Струга за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Според најавите, проектот ќе се реализира со средства од европските фондови. Очекуваме континуирана соработка на секое ниво со централната власт, само заедно и посветено можеме да имаме поголем успех и добри резултати.
Порака до граѓаните на Охрид?
Ајде заедно да ги поддржиме идеите за подобар Охрид. Ајде повторно заедно да продолжиме да одиме напред. Мораме уште еднаш да ја искористиме дадената шанса за подобро утре, за подобри услови за живот на нашите деца, кои сакаме да ја градат својата иднина тука, до нас, во нашиот град. Заедно Напред, За Охрид!
Александар Бачиќ МИА