Конститутивна седница со посебни протоколи – пратениците ќе гласаат со картончиња

од Берта Китинска
210 прегледи

Денеска напладне треба да се одржи конститутивна седница на новиот парламентарен состав по предвремените избори, кои се одржаа на 15 јули.

Новиот парламент ќе заседава во нова сала, под куполите на зградата на Собранието.

Седницата ќе се одвива според здравствени протоколи и критериуми за да се намали ризикот од евентуално ширење на коронавирусот. На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

За да се запази физичката дистанца, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието (Голема купола). На пратениците ќе им биде обезбедена заштитна опрема, а гласањето ќе се одвива рачно (со картончиња). Од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на МРТ. Пренос од конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца.

Според Уставот, претседателот Стево Пендаровски е должен да му го довери мандатот за формирање влада на кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот потоа има рок од 20 дена да формира влада. Ниту една партија го нема потребното мнозинство.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата АА и Алтернативата – 12, Левицата два и еден ДПА.

Слични содржини