Контингент на армијата на САД од Европа утре во 11 часот ќе влезе на територијата на Македонија преку граничниот премин Деве Баир.
Американските војници заедно со припадници на армијата на Република Македонија на полигонот „Криволак“ ќе ја изведат вежбата „Драгон Гардијан 17“.
По пристигнувањето на војниците, во 14 часот, на локација наспроти градскиот базен во Куманово ќе се одржи пригодна свеченост за означување на почетокот на планираните активности на заедничката воена вежба, информира АРМ.
На свеченоста ќе присуствуваат и ќе се обратат министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, амбасадорот на САД, Џес Бејли, командантот на Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Зоран Милески, и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
Вежбата „Драгон Гардијан 17“ има цел унапредување на интероперабилноста и соработката на припадниците на Армијата на Република Македонија и вооружените сили на САД. Со оваа вежба, велат од АРМ, се зајакнува билатералната соработка помеѓу Македонија и САД, а се унапредуваат и меѓусебното разбирање и довербата. Оваа вежба е наменета за поддршка на целите за обука за зајакнување на стандардните оперативни процедури на инженерските и АБХО-единиците од составот на АРМ.
Вежбата ќе се одвива од утре, 28 јули, до 10 август. Во неа ќе учествуваат 300 припадници на вооружените сили на САД и 95 припадници од АРМ. Американската војска ќе учествува со 120 возила на вооружените сили на САД, односно 6 конвои од по 20 возила.