2024 година беше обележана со две крвави војни и повеќе тензии низ светот, враќајќи ја планетата во темно минато исполнето со воени злосторства, непочитување на меѓународното право, страдање и смрт без казнивост, нешто што мислевме дека никогаш нема да се врати од историјата. Никој не може да предвиди што ќе се случи во 2025 година, исто како што никој не можеше да го предвиди ниту нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, кој го означи почетокот на крвопролевањето на Блискиот Исток, ниту украинската контраинвазија на Русија, ниту неодамнешниот молскавичен пад на до неодамна семоќниот сириски владетел Башар Ал-Асад.
Факт е дека светот со години е во состојба на тензија, а 2025 година ќе донесе нов, огромен предизвик олицетворен во уште еден непредвидлив актер – Доналд Трамп. Победникот на ноемвриските американски избори во јануари ќе зачекори вторпат во Белата куќа, а од сето она што досега го кажа, не треба да не чуди ништо што највлијателниот човек на планетата би можел да направи во наредниот период.
Дел од соговорниците на „Локално“ се согласуваат дека генерално е тешко да се каже и предвиди како би се одвивале работите од едноставна причина што војната е најнепредвидливото политичко дејствување. Во секој случај, како што вели професорот и експерт за безбеднсни политики, Методи Хаџи Јанев, смената на врвот во САД за многумина би значело промена на тој план или како што милуваат да кажат одење кон замрзнат конфликт. Но, предупредува дека Трамп важи за исклучително непредвидлив и неконвенционален политичар кој води политика водена од бизнис интерес и себецентричен интерес.
-Тоа значи дека иако ветуваше дека ќе стави крај на војната во Украина, да не изненади ако тој понуди решение кое Путин ќе го одбие и после состојбите да се влошат. Така да би повикал на внимателност во таа смисла, посочува Хаџи Јанев.
Имајќи ја предвид сложената историска, политичка и безбедносна природа на Западен Балкан, останува прашањето за испитување на трансформацијата на овој регион долж спектарот од конфликтeн во безбедносна заедница. Бидејќи ЕУ го претставува клучниот надворешен двигател на овие патеки на трансформација, нејзината улога во овие процеси дополнително останува неизвесна. Бидејќи во регионалното (безбедносно) опкружување државите се повеќе свесни за своите соседи отколку за далечните сили, постои потреба да се расветли регионалната безбедносна динамика на одредени области низ светот. Косово и Република Српска се критичните точки, па поради тоа клучното прашање е што ќе се случува на Балканот во 2025 година? Според професорот, состојбите на Западен Балкан зависат од странскиот фактор.
-Точно е дека локалните моќници имаат сила и капацитет да направат изместување, ама немаат капацитет тоа да го прават без амин од Западот. Убави се приказните дека станува збор за суверени држави и дека они носат одлуки, ама на крајот на денот ако тие одлуки излегуваат од рамките на тоа што е дозволено, тогаш ќе има проблем. Има индиции според кои администрацијата на Трамп е лута на Вучиќ и неговиот тим, ама нема информации пак дека се наклонети кон Косово. Истото е и со Босна – Трамп е склон кон ригидни одлуки, кои да не се разбереме лошо може да се третираат како такви од оваа перспектива во која сме навикнати на либералните правила на игра. Тие се да веруваме дека Западот е светиња, а дека ние треба да се устројуваме кон политиките кои извираат од либерално демократските рамки. Тоа што они нема да ги почитуваат е друга приказана. Земете ги само извештаите за тоа како Катар се обидува да дојде до остварување на своите политички цели, прво со скандалите во ЕУ преку грчките дипломати, па сега и во едукатинсиот систем на САД. Не велам дека се моќни да направат некое изместување, ама поведението е доволно да постави дилема дали оние кои тврдат дека се демократи или заговарат другите да бидат тоа со право морам да кажам, самите може да го применат. Не велам дека во регионот некој има поголемо влијание туку дека е многу тешко да го имаат исклучиво последниот збор како што тоа го правеа порано. Сите овие фактори ќе го одредат мирот на Балканот, оценува Хаџи Јанев.
Три години војна во Украина. Во текот на месецов, Камил Гранд – поранешен помошник генерален секретар на НАТО изјави дека Полска, Франција, Велика Британија, Германија, Холандија и осум балтички и скандинавски земји би можеле да учествуваат во мировна мисија и испраќање трупи во Украина. Тој истакна дека постојат три начини да се гарантира безбедноста на Украина, а една од нив според него е „корејскиот“ модел или меѓународна мировна мисија која ја чуваше демаркационата линија меѓу Јужна и Северна Кореја повеќе од 70 години. Смета дека токму на овој модел ќе се засноваат безбедносните гаранции за Киев. Гранд обелодени и „германски“ и „израелски“ модел, но, според соговорникот, тие значат отворен пат кон Трета светска војна.
-Варијанта која може да има стабилизирачки ефект колку тоа и да не ни се допаѓа засега е корејското решение. Тука мислам дека ќе цели и Трамп, но тој е претседател и не е сам во одлуките. Оттука, можно е да биде под силен притисок за вакво решение во кое Русија ќе биде видена како победник, иако морам да предупредам дека ќе биде пирова победа. Од друга страна медиумите кои го контролираат наративот во изминатите месеци засилено ја нагласија можноста руската економија да колабира. Даваат податоци за исцрпени ресурси, за десеткуван човечки потенцијал и слично. Би сакал да предупредам дека таа приказна некако ја слушаме трие години, ама … Првите две опции се опасни бидејќи во нив нема вин-вин ситуација. Жално е што либералната мудрост е доведена во ситуација во која нејзините продукти како „вин-вин“ политика е неприфатлива токму за нив. Се или ништо против нуклеарна сила е опасна работа. Тоа е особено важно ако се види дека Израел, а со тоа и Русија кои се сили што имаат капацитет да прават промени и регионални имапкти, немаат размислување или поведение кое се поклопува со западното. Секоја претпоставка за решение која нема да го земе во предвид тоа е осудена на пропаст. Да се надеваме дека разумот ќе преовлада и дека нема да заглавиме во некаков конфликт кој може да не однесе по ѓаволите, заклучува Хаџи Јанев.
Покрај војните на Блискиот Исток и во Украина, според експертот за безбедност, Александар Илиев, во 2025 година ќе сведочиме и на тензии во Јужно кинеско море, зголемување на влијанието на квантни компјутери и вештачка интелигенција за сајбер безбедноста, динамичен геополитички натпревар во Сирија меѓу Турција и Израел, обиди на Иран да се врати од загубите на влијание во Либан и Сирија, обид за враќање на Исламската држава, општествени тензии во ЕУ и продолжување на нестабилноста во Супсахарска Африка. Дополнително, тврди тој, Кавказот и Балканот остануваат региони во кои постојат тензии и можност за конфликт.
-Всушност, глобалниот натпревар меѓу САД и сојузниците од една страна и Кина, Русија, Северна Кореја и Иран од друга страна нема да заврши во 2025 година, поради што нема зошто да очекуваме подобрување на безбедноста во глобални рамки, смета Илиев и додава:
-За Балканот клучни се конфликтите во Блискиот Исток и војната во Украина. После дипломатските и воени успеси на Израел во Газа, против Хезболах во Либан и навлегувањето на Израел во Сирија, не очекуваат обиди на Израел овие ефекти да ги претвори во трајни промени врз начинот на контролата над Газа и зголемување на израелското влијанието во Сирија и Либан. Од друга страна Турција ќе се обидува да спречи создавање внатрешно уредување на Сирија, во кое Курдите ќе имаат свој ентитет на етничка основа. Овој натпревар меѓу Турција и Израел со сигурност ќе биде зачинет од обиди на Русија и Иран да задржат дел од своето влијание во Сирија, како и од обиди на Исламската држава да воспостави контрола над делови на Сирија. Понатаму, Израел може да се обиде да воспостави нов метод на контрола врз појасот Газа со поделба на Газа на сектори и контрола на границата меѓу Египет и Газа, Затоа, не очекува период на обиди за промени кои може да водат кон стабилизација и враќање на милиони бегалци, губење на клучни поморски и воздухопловни бази на Русија на Медитеранот, но можно е и дополнително комплицирање на состојбата во Блискиот Исток, истакнува Илиев во разговор за „Локално“.
Исходот на војната во Украина, за соговорникот, може да има голем ефект за безбедносната состојба на Балканот. Вели дека очекуваното намалување на економската и воена поддршка на САД за Украина и/или притисок врз Украина да направи компромис со Русија, веројатно ќе значи дека Русија ќе ги фокусира своите хибридни операции кон земји во ЕУ.
-Доколку, Русија успее да спречи државите од ЕУ да пружат значителна помош за Украина, тоа ќе ја доведе истата во состојба да биде приморана да се согласи на барањата на Русија. Оттука, Русија веројатно ќе користи субверзии, шпионажа, саботажи, пропагандни активности, економски притисоци, закана од воена сила и дипломатски инструменти да спречи клучна економска, воена и дипломатска поддршка за Украина, од клучни земји од Европа. Со таа цел, Русија веројатно тајно ќе поддржува про-руски политички субјекти во земји од ЕУ, за истите да ја преземат власта или да создадат внатрешни нестабилност. Сличен однос Русија најверојатно ќе има и кон земјите од Западен Балкан, а фокус на Русија ќе биде даден кон влијание врз Србија, бидејќи истата е клучна држава во регионот на Западен Балкан, објаснува Илиев.
За експертот по безбедност, можноста за воен конфликт на Балканот во 2025 е минимална, но веројатно е и дека нема да има трајна разрешница на внатрешните тензии во Косово и Босна и Херцеговина. Моменталната безбедносна состојба во Западен Балкан е комплексна пред се поради постоење на повеќеденециски спорови за внатрешни прашања во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, како и комплексните односи меѓу Србија и повеќе соседни земји на истата.
-Овие состојби се користат од големите сили во нивниот геополитички натпревар, поради што безбедносната состојба на Балканот зависи од геополитичкиот натпревар помеѓу САД и сојузниците со Русија, Кина, Северна Кореја и Иран. Затоа, сценарио во кое би сведочеле на исход на војната во Украина во полза на Русија, може да ги охрабри политичките субјекти кои се залагаат за ревизии на државни граници и на Балканот. Во моментот Србија е држава која е најблиска со Русија, од сите држави од Западен Балкан. Затоа, индикатор за можна криза на Балканот би било служењето воен рок во Србија кој би вклучил квалитетна обука за војна со дронови и за офанзивни сајбер операции. Меѓутоа, важно е да се напомене и дека една година не е доволна за било која држава од Западен Балкан да се подготви за офанзивни воени операции со кои би остварила своја политичка цел. Затоа, не е реално да се очекува значајна ескалација на безбедносните кризи на Балканот во 2025 година. Истовремено, нема ни индикатори дека безбедносната состојба на Балканот ќе се подобри во текот на 2025 година, наведува тој.
Околу тоа дали безбедноста зависи од регионалната интеграција, која „се чини дека плива во немирни води“, соговорникот тврди дека самата интеграцијата зависи пред се од политичката волја и способноста на лидерите на земјите од Западен Балкан за исполнување на критериумите за влез. Според него, усогласувањето на надворешната политика на државите од Западен Балкан со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, намалување на нивото на корупција, намалување на загаденоста на животната средина и решавање на други внатрешни и надворешни прашања се задачи за државите од Западен Балкан, а не за ЕУ.
-Посебно е важно тоа што надворешната и безбедносна политика на Србија не е усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, пред се во односите со Русија, Кина и Иран. Србија има усогласеност на својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ од само 47%. Србија е многу значајна не само што е најголема економија и воена сила од земјите во Западен Балкан туку и поради тоа што е земја која има влијание врз внатрешните политички односи во Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Исто така, српските медиуми имаат важна улога врз создавање на перцепцијата на граѓаните не само кај претходно наведените земји туку и во Македонија. Оттука, безбедноста на земјите од Западен Балкан зависи од политичката волја и знаењето на политичките лидери од Западен Балкан, како и од геополитичката насоченост на Србија, анализира Илиев.
За актуелната состојба на фронтот во Украина, експертот за безбедност објаснува дека Русија воено не е способна да изведе решавачка офанзива, а Украина не е способна да ја ослободи територијата окупирана од Русија. Понатамошниот развој ќе зависи пред се обемот на економска и воена поддршка за Украина од Западот после инаугурацијата на Трамп на 20 јануари 2025 година.
-Важно е да се напомене дека европски држави, за кои е неприфатлива победа на Русија, најверојатно разгледуваат сценарија во кои ќе се бара решение за ситуација во која САД ќе ја лимитира својата воена и економска поддршка за Украина. Земји како Канада, Обединетото Кралство, Норвешка, Шведска, Финска, Франција, Полска и други, најверојатно ја гледаат Русија како закана и за територии на Арктик и Балтик, поради што најверојатно се подготвени да спречат сценарио во кои Русија би победила во Украина и би станала поспособна и охрабрена за идни агресии во наведените региони. Следствено, следува период на несигурност за исходот на војната во Украина, но и период на креативни можности за промена на сегашната состојбата.
САД се несомнено клучен фактор во меѓународната политика, меѓутоа решенија за конфликтот според кои Украина би изгубила територии и би била слаба држава под влијание на Русија е неприфатлив исход за многу европски држави. Затоа, Трамп не е субјектот кој во дијалог со Путин самостојно може да одлучи за исходот на војната. Секој договор ќе треба да е прифатлив не само за Украина туку и за повеќе клучни држави од Европа кои веројатно веќе имаат подготвени планови за делување како коалиција на држави дури и без учество на САД и НАТО, констатира аналитичарот.
Говорејќи за трите модели според кои би можела да се гарантира безбедноста на Украина, Илиев уверува дека се додека не се види кои ќе бидат чекорите на Трамп по 20 јануари, како и ставовите и активностите на држави како Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Полска, Италија и Шведска, не е возможно да се даде квалитетна прогноза што е реално.
-Најверојатно решение, во моментот, е некаква варијација на третиот модел во кој би имало мировни сили со мандат даден од ОБСЕ и/или ООН и би гарантирал иднина на Украина во ЕУ. Тоа што е тешко да се предвиди е дали е можно Украина да прифати промена на своите граници и Русија да прифати мир или примирје без признавање на територијални проширувања. Не треба да се заборава дека Русија не бара само демилитаризација на Украина и признавање на територијално проширување на Русија, туку бара ревизија на безбедносната структура во Европа. Затоа, каков исход на војната во Украина е веројатен, без јасен победник на бојното поле, е тешко да се предвиди во овој момент, ни потенцира експертот за безбедност.
Со оглед на безбедносните предизвици и ризиците со кои се соочува светот, се поставува прашањето дали и ЕУ треба да формира своја армија со војници од земјите-членки? Дел од земјите кои се дел од европското семејство предлагаат и мислам дека не би имале ништо против. Илиев се согласува дека ЕУ несомнено треба да се подготви за време во кое САД ќе се фокусира на Индо-Пацификот и ќе дефокусира дел од своите ресурси од Европа. Така, според него, ЕУ би станала и поважен фактор во меѓународната политика, но за стимулирање на ваков развој се клучни неколку надворешни и внатрешни фактори.
-Дебатата за потребата од европска армија се одвива повеќе од 50 години, а може да стане актуелна доколку Трамп го доведе во прашање кредибилитетот на НАТО и одлучи за повлекување на сили на САД од Европа. Во моментот ЕУ има своја заедничка безбедносна и одбранбена политика и има формирано тела какок Европска комисија за одбранбена политика, Директорат за менаџмент на кризи и планирање, Воен комитет, Одбранбена агенција, Постојана структурна соработка и други тела кои имаат задачи поврзани со безбедноста и одбраната на ЕУ. Државите на ЕУ, кумулативно имаат поголем буџет за одбрана од Русија и Кина, но сепак ЕУ не претставува голема воена сила. Причина за тоа е состојбата во која секоја држава членка планира развој и набавки поврзано со свои национални интереси и перцепции, како и потпирањето на одбраната на НАТО и САД. Доколку ЕУ заеднички ги фокусира своите ресурси во развој на својата одбранбена индустрија, врши заеднички набавки од европски фирми и има воена сила како алатка на својата надворешна политика, ЕУ би прераснала во поголем меѓународен фактор и би била помалку зависна од САД. Меѓутоа, во моментот голем дел од европските држави набавуваат опрема од САД, некои и како алатка за добивање наклонетост од САД. Дури и да не постои тој интерес координација во инвестиции и набавки на воена опрема од европски фирми би бил голем предизвик. Друг предизвик е фактот дека за развој на европска воена индустрија е потребен раст на буџетите за одбрана и долгорочни договори за набавки со европски фирми. Додека од една страна поголем буџет на одбраната на ЕУ и набавки од сопствена индустрија би донела раст на економијата, од друга страна тоа значи и промена на структурата на буџетите на државите членки и веројатно намалување на трошоци за други ставки. Следствено, ЕУ има создадено основа за создавање заеднички одбранбен систем, но негова еволуција во наднационални одбранбени сили и поголема инвестиција во европската воена индустрија може да се стимулира доколку има значајни промени на односот со САД и се намали кредибилитетот на НАТО. Доколку нема такви промени, мала е веројатноста да се создадат воени сили на ЕУ кои би ја замениле улогата на НАТО и САД во Европа, заклучува експертот за безбедност.
Н.П.