Короната се враќа, пораст на бројките – напладне состанок на КЗБ

од Nikola Popovski
429 прегледи

Во последните недели се случува пораст на ковид-бројките. Комисијата за заразни болести (КЗБ) во 12 часот ќе одржи состанок на кој ќе се дискутира за моменталната епидемиолошка состојба, како и за евентуалните препораки.

Веќе неколку дена по ред, бројот на новозаразени е над 700, а само вчера од 1.774 тестови се регистрирани 792 нови случаи на Ковид-19, при што 370 се од Скопје.

Досега во земјата се направени вкупно 2.102.378 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 320.598, бројот на оздравени пациенти е 307.658, на починати е 9.345, а бројот на активни случаи изнесува 3.595.

Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Од Комисијата апелираат до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца.

Светската здравствена организација (СЗО) укажа на зголемување на бројот на заразени со коронавирус и предупреди дека во наредните недели може да има зголемување на бројот на хоспитализирани и смртни случаи од Ковид-19.

„Сите земји треба да бидат подготвени за тоа. Земјите кои го намалија својот капацитет за борба против инфекцијата преземаат голем ризик“, рече вчера директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус.

Слични содржини