Последните денови, Кина се соочува со зголемување на бројот на лица заразени со коронавирус по неколкумесечно затишје, при што се чинеше како таа земја да ја добила војната со смртоносната инфекција која потекнува од неа пред повеќе од една година.
Кинеските власти воведоа карантин во град со скоро 5 милиони жители и забранија патување во неколку други градови со цел да се спречи ширењето на вирусот во близина на Пекинг. Кина во голема мерка успеа да го спречи ширењето на инфекцијата преку масовно тестирање, затворање на заразените области и забрани за патувања.
Сепак, во изминатата недела, провинцијата Хебеј во северна Кина објави 560 нови случаи на корона, од кои 234 беа асимптоматски, што резултираше со нови затворања и ограничувања. На жителите на Лангфанг, град околу 55 километри јужно од Пекинг, им е забрането да го напуштаат градот седум дена, освен ако не е апсолутно потребно.
„Сите семејни собири треба да се откажат … свадбите се одложени, а погребите се поедноставуваат сè додека не се смири епидемијата“, се вели во соопштението на градските власти на Лангфанг.
Следува итен тест за сите 4,9 милиони жители, кој ќе трае два дена, изјави локалниот здравствен институт, откако беше откриен еден случај во областа Гуан во Лангфанг. Властите минатата недела започнаа масовно тестирање и ги затворија сообраќајните врски, училиштата и продавниците во соседниот град Шиџијажуанг – епицентарот на најновата епидемија. Градот има 11 милиони жители кои поминале два круга на тестирање.
Соседниот град Сингтај, со 7 милиони луѓе, исто така е заклучен од минатиот петок, пренесува АФП. Влошената состојба ја натера локалната власт на провинцијата Хебеи да ја одложи големата локална политичка конференција, закажана за овој месец, на неодредено време.
Нови случаи на коронавирус се појавуваат во северните провинции на Кина од октомври, предизвикувајќи сериозни ограничувања, и покрај малиот број на инфекции во споредба со многу други земји.
Воведени се строги ограничувачки мерки пред кинеската Нова година, што е во февруари, кога стотици милиони Кинези патуваат и одат да ги посетуваат семејството и пријателите, а властите сакаат да спречат ширење на вирусот пред масовната годишна миграција.
Повеќе од половина милион луѓе во Пекинг се под блокада, како дел од мерките преземени од кинеската влада за борба против појавата на неколку случаи на Ковид-19.
Властите сакаат да го запрат избувнувањето на жариштата во главниот град, во кој живеат повеќе од 20 милиони луѓе.
Сите села во областа Шунџи на периферијата на Пекинг се во карантин се додека не заврши новата рунда масовни тестирања, рече офицерскиот службеник Џи Сијанвеи на прес-конференција.
Овој потег значи дека околу 518.000 жители нема да можат да ги напуштат своите села додека не го положат тестот.
Кинеските власти воведоа карантин во уште неколку мултимилионски градови во другите провинции. До денес, во Кина се потврдени вкупно 87.591 случаи на коронавирус и 4.634 починати. Мисија на Светската здравствена организација (СЗО) ќе пристигне во Кина во четврток со задача да утврди како вирусот се пренесува од животни на луѓе во Вухан, заедно со кинески научници.