Научниците издадоа алармантно предупредување поради потенцијалните штетни ефекти врз плодноста кај мажите предизвикани од коронавирусот.
Истражувачите од Универзитетот за наука и технологија Хуажонг во Вухан повикуваат на итно истражување за долгорочните ефекти на инфекцијата „ковид 19“ врз плодноста кај мажите, поради бројни докази за намалена подвижност на спермата, помал број на сперматозоидите и оштетување на тестисите, а велат дека вирусот се заканува да го уништи човештвото и откако пандемијата ќе заврши.
„Веруваме дека е потребно итно следење на состојбата на машките пациенти заразени со коронавирус за време на закрепнувањето“, велат микробиологот Ју Тијан и репродуктивниот биолог Ли-куан Жоу.
САРС-КоВ-2, вирусот што ја предизвикува болеста ковид 19, влегува во човечкото тело преку ензим кој е присутен во голем број витални органи, вклучувајќи ги белите дробови, срцето, бубрезите и цревата. Ова ги остава подложни на значителни штети, бидејќи вирусот се населува таму и почнува неконтролирано да се размножува.
Ензимниот рецептор се наоѓа во респираторниот, дигестивниот, циркулаторниот, невролошкиот и потенцијално дури и кај машкиот репродуктивен систем. Прелиминарните студии утврдија присуство на вирус во примероци на сперматозоиди од пациенти со ковид 19.
Истражувачи од германски и ирански универзитети известуваат за директен доказ за оштетување на тестисите по корона инфекција. Тие откриле маркери на воспаление во примероци од ткиво на 84 пациенти со ковид- 19 од вкупно 189 примероци.
Тимовите го тестирале квалитетот на спермата и барале знаци на оксидативен стрес кај пациентите. Откриле дека воспалението и клеточниот стрес се двојно посилни кај пациенти со kovid 19 од контролната група.
Загрижувачки е што спермата на заразените пациенти е три пати побавна, а бројот на сперматозоиди исто така бил драматично помал.
„Овие ефекти врз клетките на спермата се поврзани со понизок квалитет на сперматозоидите и намален потенцијал на плодност“, рекол водачот на тимот Бехзад Хаџизаде Малеки.
„Иако овие ефекти покажале тенденција да се подобруваат со текот на времето, тие останале значително зголемени кај пациенти со корона, а обемот на овие промени е исто така поврзан со тежината на болеста“, додаде тој.
Доколку овие откритија бидат потврдени и поткрепени со дополнителни истражувања, тоа се заканува да се усогласи со постојните кризи на плодност во многу западни земји. Ситуацијата најверојатно ќе ја влоши неизвесната економска состојба во која заканата од глобална рецесија сè уште виси во воздухот, пренесува РТ.