Во земјава вчера беше потврден првиот случај на коронавирус. Според надлежните, простор и причина за паника нема. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам, посебно не на социјалните мрежи.

Пациентката кај која е утврден корона вирусот е скопјанка, родена во 1970 година. Одреден период престојувала во Италија, а допатувала вчера утрото во три часот преку граничниот премин Табановце, превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица. Поради симптомите кои ги чувствувала, семејството веднаш ја донело на Клиниката за инфектологија. Моментно е хоспитализирана таму, на Одделот за интензивна нега и изолација. Како што соопшти синоќа министерот за здравство Венко Филипче, пациентката е во добра општа состојба, зафатено и е само едното белодробно крило и нема потреба за механичка вентилација.
Во меѓувреме, идентификувани се и лицата кои биле со заболената скопјанка во комбето. Вкупно се девет, осум патници и еден возач. Тие се веднаш ставени во домашна изолација, а денеска ќе се знае дали изолацијата ќе продолжи во домашни услови или лицата ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одделенија за надзор.
Во однос на првиот потврден случај со коронавирус, д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје уверува дека едно позитивно лице не претставува ризик за населението. Според Караџовски, граѓаните може да бидат мирни. Медицинските служби се дежурни 24/7 и способни за само половина час да направат соодветна екипа која би реагирала веднаш.
-Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, посебно на социјалните мрежи. Да не не поведуваат емоциите, туку разумот и да не оставаме простор за панични реакции пред она што е реално, рече вчера премиерот Оливер Спасовски.