Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај првпат ќе биде одбележан онлајн, а првомајските празници ќе поминат со ограничено движење како една од мерките за справување со пандемијата на коронавирусот. Пандемијата што го промени начинот на живот и се рефлектира во сите сфери на живеење, ги натера синдикатите на размислување да го одбележат овој ден поразлично од досега. Наместо традиционалниот марш, годинава одбележувањето ќе биде онлајн, а барањата главно ќе бидат насочени кон тоа да се сочуваат работните места.
Здравствената криза предизвикана од коронавирусот се одрази и врз економскиот развој на државата и ја стави под знак прашалник ликвидноста на компаниите, а со тоа ги направи и понеизвесни работните места, поради што сè почести се апелите и реакциите на синдикатите да не се отпуштаат работници и да не се потпишуваат бланко договори.
Токму затоа мотото на првомајското одбележување на еден од најголемите синдикати во земјава – Сојузот на синдикати на Македонија, е „Здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита”.
За ССМ, во овие тешки моменти најважно е да се заштитат правата на работниците и нивните семејства и да не се дозволи ниту еден граѓанин да остане без основните средства за живот. До нив, како што велат, во изминатиот период пристигнале илјадници поплаки за отпуштање работници и кршење на работничките права по разни основи.
– По направените анализи заклучивме дека сите тие обраќања дојдоа од работници кои не се синдикално организирани. Кај работодавачите кај кои има синдикати, успеавме преку дијалог да ја избалансираме ситуацијата, па дури и да им помогнеме на работниците, но на некој начин и на работодавачите, кои се извор на основните приходи на нашите членови, велат од ССМ во изјава за МИА.
Во првомајскиот проглас истиот овој синдикат истакнува дека кризата и вонредната состојба не можат да бидат причина за суспендирање на социјалниот дијалог, колективното договорање и за кратење на работничките права.
– Работничките права се наш таргет, а последиците од кризата треба и мора да ги поднесат сите чинители во општеството и претставниците на капиталот и претставниците на трудот како две страни на една целина. Но, сега и во овој момент се додека трае здравствената криза нашата грижа и активности се насочени кон заштита на работничките права и обезбедување на еднаквост во поднесување на неминовните последици, економски и општествени за сите граѓани без дискриминација и поделби по било кој основ, се вели во прогласот.
Со слични барања е и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој во прогласот по повод 1 Мај бара почитување на правото на социјален дијалог, мерки со кои ќе се сведе на минимум отпуштањето на работниците и да нема кратење на платите и додатоците на плата.