Бројот на заразени и на лица кои се хоспитализираат поради ковид 19 се зголемува. Сите модуларни болници се поставени и овие денови почнуваат да се користи во повеќе градови низ земјава.
Премиерот Зоран Заев најави дека во недела првата пратка од 3.000 руски вакцини ќе пристигнат во земјава.
„Ја имам информацијата. Првите 3.000, ама како да кажам ако не стигнат… Во недела ги очекуваме 3-те илјади преку ДХЛ да дојдат. Министерот се организира со амбасадорот да ги пречека и нормално да ги пушти тие во промет“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Општина Карпош.
И министерот за здравство Венко Филипче вели дека „Спутник V“ ќе пристигне во недела.
Руските вакцини според најавите ќе пристигнат во недела со специјален транспорт, изјаив Филипче во гостувањето на Сител.Тој спомена дека се надминати се сите проблеми со документацијата поради кои Кина го врати капарот за набавка на 200.000 дози од вакцината на Синофарм.
-Сега се расчисти административната процедура, сега разговараме за кога треба да пристигне таа кинеска вакцина. Тоа што со сигурност го знаеме е дека разговараме и за тоа зема обврска и кинеската страна дека целокупната количина ќе стигне веднаш. Но сега, навистина не знам, очекувам информација, рече Филипче.
Тој уште еднаш упати апел до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки, бидејќи бројот не се зголемува само од присуството на британскиот сој туку и од неносењето на заштитни маски изминативе денови откако времето стана потопло.
-Во изминатите денови имавме комуникација со Комисијата за заразни болести и ги следиме бројките во однос на тоа дали ќе се зголемуваат или ќе се задржат на едно плато и дали ќе биде слична слика како во ноември засега не е така бидејќи во тој период забрзано се пополнуваа болничките кревети. Следната недела ќе разговараме за тоа дали ќе биде потребно да се воведат нови мерки, изјави Филипче.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 106.110, бројката на оздравени пациенти е 94.275, на починати е 3.176, а бројот на активни случаи изнесува 8.659.