Што и да е, било какво физичко или вербално насилство, во Собранието е неприфатливо, особено кога е во прашање Деловникот, односно документот по кој тековно се работи и кој впрочем и даваше можност за разни видови на блокади, вака за „Локално“ вели поранешната пратеничка Никица Корубин која ги коментираше завчерашните инциденти во Парламентот предизвикани од пратениците на Левица.
Според неа, овој Деловник е работен неколку години, под европски мониторинг и претпоставува дека конечно е усогласен, за можност за пофункционално собрание.
-Која е поентата на демонстрирање на „сила“ на завршена работа? Тоа што е завршена или „проба“ за она што не смее да се заврши, прашува Корубин.
Оценува дека во политиката кредибилитетот е клучна работа, иако во наши услови не секогаш се чини дека е така.
-Дискутабилно е дали во овој случај тој постои на темата која се коментира. Воздржаноста на сите пратеници, или ако сакате партии вчера, можеби покажува дека очекувале ваков чин. Тоа од една страна може да се протолкува како рационална реакција на неподлегнување на ситуацијата, но од друга страна може да биде одговор или потврда на вашата дилема во првото прашање. Се е до перцепцијата или до контекстот, кој генерално го создаваат пратениците со непостапувањето, односно фактичката блокада на државата со неизгласувањето на уставните измени, истакнува Корубин.
Смета дека кај големите македонски партии нема страв од делувањето на Левица и нивниот иден резултат на изборите, туку повеќе е стравот од незадоволството кај граѓаните кое Левица го таргетира, отколку од самата партија, со која патем речено не е проблем ниту една „голема“ партија, да постигне договор, најчесто под радарот на јавноста, за прашања кои им се битни.
-Најчесто не е секогаш така како што изгледа на прв поглед. Така што големо прашање е дали Левица, како партија е страв сам по себе или проектиран страв, од она што може да се случи, вели соговорничката.
И утрово продолжија обвинувањата од двете најголеми партии околу инцидентот во Собранието. Според ВМРО-ДПМНЕ, „коалицискиот спаринг партнер на СДС и ДУИ, Левица и Димитар Апасиев го сака Хамас, се поклонува на Енвер Хоџа, го крши Собранието за Деловник, а молчи за Онкологија и француски предлог, како и за законите на ДУИ за игри на среќа“.
-Театарската изведба на Левица во Собранието е договорено сценарио меѓу ДУИ и СДС, за стимулирање на конфликти од кои ДУИ и Левица би добиле актуелност. А, за тоа како изгледа кога Левица води институции најдобро сведочи хаосот во Градот Скопје и институциите чии директори на Левица активно учествуваат во лудилото на Арсовска, сметаат од партијата на Христијан Мицкоски.
За разлика од нив, СДСМ вели дека „дивеењето на Левица во Собранието потврди дека со нив и нивниот коалициски партнер ДПМНЕ можни се само инциденти, насилства и хаос“.
-Односот на Левица и ДПМНЕ кон Собранието е однос кон државата, однос кон граѓаните. Целата македонска јавност се увери каков хаос и тензии следат со Левица и ДПМНЕ, порачаа од партијата на власт.
Н.П.