Корубин за „ќорсокакот Скопје-Софија“: Ако не ги почитувате обврските, должите сериозен одговор кон граѓаните – последиците ќе ги трпиме сите

од Nikola Popovski
568 прегледи

Не стивнуваат реакциите после заострените тонови на релација Скопје-Софија откако Христијан Мицкоски стана нов премиер и уште еднаш го повтори стариот став дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат. Од Бугарија се децидни дека барањето за репреговарање на Договорот за пријателство, францускиот предлог, а со тоа и Преговарачката рамка за Македонија – само ќе ја оддалечат земјата од европскиот пат.

– Од нас и само од нас, како држава, зависи дали ќе одбереме да ја негираме политичката и било која друга реалност, и да наоѓаме изговори зошто не ги почитуваме превземените обврски, меѓународните договори и меѓународното право; на сопствена штета и на штета на секој еден граѓанин. А, државата е нејзината институционалност (устав, парламент, влада, претседател). Оттаму, логичното и рационално прашање е зошто носителите на политички функции ја негираат политичката реалност и во наше име и на наша штета не ги почитуваат превземните обврски, меѓународните договори и меѓународното право?, прашува поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите, Никица Корубин во разговор за „Локално“.

Според неа, приказните „за внатрешна употреба“ за „репреговарање на Преговарачката рамка“ кои немаат никакво правно дејство надвор од наметнатиот јавен дискурс, логично добиваат унисони одговори веќе подолго време од сите засегнати и прозвани од нас страни – ЕУ, САД, Бугарија и Грција.

-И затоа треба да бидеме коректни во јавниот говор и да се држиме до реалноста, која вели: или ги почитувате превземните обврски или не ги почитувате. Нема средина. А, ако не ги почитувате, должите сериозен одговор кон сите, а пред се кон сопствените граѓани, зошто? А, последиците секако сите заедно (ќе) ги трпиме, оценува Корубин.

Со оглед дека нашиот источен сосед е во тешка политичка криза бидејќи неколку години не може да избере стабилна влада, на прашањето дали е можно евентуалната нова влада на ГЕРБ и Бојко Борисов да промени нешто, Корубин вели дека фокусот треба да биде на нашата влада и нашата власт, особено на „гарантите“ на ЕУ патот – коалицијата ВЛЕН, чиј рок од шест месеци за уставните измени, полека, но сигурно истекува.

-А, ако веќе сме веќе толку заинтересирани за составот на новата бугарска влада, тогаш, полезно е да се потсетиме дека токму Бојко Борисов и ГЕРБ во 2022 година, дадоа поддршка на тогашната влада на Кирил Петков за изгласување на преговарачката рамка во бугарскиот парламент, и отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, од кои произлегува и обврската за промена на Преамбула во нашиот Устав и внес на Бугарите кои живеат во Северна Македонија. На страна што намерно се промашува главната поента: од 2022 година, нашата релација за сите обврски од преговарачката рамка е со ЕУ, а не со Бугарија. Што не води до првото прашање, сакаме да живееме во реалноста или не?, истакнува поранешната народна избраничка во Парламентот.

Евидентно е дека се отвори и „фронтот“ со Грција по полемиките околу Преспанскиот договор. Од Атина доаѓаат пораки дека „цела Европа застана против Мицкоски“, на што Корубин вели дека-никој така ефективно не може да застане против нас, како што можеме самите против себе. Посочува дека почитувањето на превземните обврски во меѓународното право се третира како дипломатска и политичка зрелост на една држава.

-Играњето на картата на „жртва“ која свесно и со нејасни мотиви и се наметнува и на државата и на граѓаните, само не прави политички и дипломатски незрели. Дали како граѓани и држава сакавме да бидеме третирани, од страна на меѓународната заедница еднакво и со почит, или да бидеме под постојан „мониторинг“ кој следен меѓународен договор ќе го проблематизираме? Каков однос ќе покажеме кон другите и кон превземните обврски, таков одговор ќе добиеме. Сакаме конфликти или сакаме интеграција во ЕУ? Тоа е двонасочен однос, објаснува соговорничката.

Категорична е дека како што не постојат брзи решенија, на големи проблеми- така и не постојат доволно големи „паравани“ на вистинските намери. Смета дека не постојат тие пари кои ќе ги заменат правилата, стандардите и системот, кој Северна Македонија треба да ги изгради преку процесот на зачленување во ЕУ.

-Затоа што функционалниот европски систем, ја гарантира стабилноста на државата и го зголемува нејзиниот инвестициски потенцијал. Со, други зборови, “милијардите” секако ќе дојдат сами, кога правниот, политичкиот, финансискиот систем ќе биде адаптиран на европските демократски правила и стандарди. Затоа, што стремежот сите овие 30-тина, години на сите граѓани и државата, беше демократска држава, слободен пазар и функционален систем, зарем не, заклучува Корубин.

Бугарија ќе инсистира Европскиот совет при усвојувањето на заклучоците од состанокот да вклучи и текст за Република Северна Македонија, јавува владината пресслужба на Бугарија.

Тамошниот технички премиер Димитар Главчев денеска и утре ќе престојува во Брисел, каде за време на дискусијата на темата ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија. од 18 јули 2022 година и да ја повикаат Северна Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на нејзиниот пат кон европската интеграција.

Според Главчев, важно е да се истакне дека имплементацијата на сите прифатени обврски, како и напредокот на сите реформи поврзани со ЕУ, остануваат клучни.

Н.П.

Слични содржини