Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев смета дека нема да има никакви проблеми во среда, на денот кога Уставниот суд ќе одлучува по постапувањето по предметот за Законот за употребата на јазиците.
-Што и да одлучат уставните судии, ќе помине без проблем, исто како што беше и за „балансерот“. Ако се сеќавате вчера Али Ахмети се закани со војна и тука има простор за интервенција на надлежниот јавен обвинител. На нас политичките партии стриктно ни е забрането да повикуваме на воена агресија. Мислиме дека во случај на евентуални нереди, МВР треба да си ја заврши работата и да не ги обеспокојува граѓаните, рече денеска Апасиев на прес-конференција во Собранието.
За новите имиња на американската црна листа, Апасиев вели дека е „обична козметика“ и „сигнал дека корумпираните политичари можат да бидат пуштени низ вода“.
-Тоа е сигнал кон нив за да не ескалираат. Скандалозно е тоа што наместо МВР да ги има информациите дека Артан Груби местел случај за Сашо Мијалков, тоа го дознаваме од странски амбасади. Тоа значи дека сме обична територија без владеење на конкретната територија од страна на власта. Тоа е поразително за нас како народ. Борбата против корупцијата треба да ја водат домашните, а не странските агентури, кажа пратеникот.