Управниот одбор при Кошаркарската федерација на Македонија, на седницата која ја одржа минатата недела во Скопје одлучи да го преименува Куп натпреварувањето во „КУП Благоја Георгиевски – Буштур“.
„Куп натпреварите кои се одржуваат секоја година и се дел од календарот на федерацијата, да се именува како ‘КУП Благоја Георгиевски – Буштур‘ во чест на нашата легенда, кој прерано нè напушти, а притоа остави големо спортско наследство на сите понатамошни генерации“, стои во соопштението на КФСМ.
Одборот исто така одлучи целиот добиен износ од продажба на влезните билети од натпреварот Македонија – Естонија кој се одигра на 20.02.2020 година, во А1 Арената „Борис Трајковски“ да се донира во добротворни цели. Средствата ќе се распределат согласно со поединечни потреби-барања, односно со посебна одлука на генералниот секретар на КФСМ, а по утврдување на основ за реализација на донациите од страна на федерацијата.