Извор на новинската агенција „Косова прес“ тврди дека вчера попладнето го видел поранешниот вицепремиер и бегалец, Артан Груби во Приштина, пренесува косовскиот медиум.
Како што стои во текстот на медиумот, екс-функционерот, кој е во бегство од декември 2024 година и е ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави, се преселил во област недалеку од центарот на косовскиот главен град, во придружба на две деца. Груби, како што изјавил изворот на медиумот, носел зимска јакна, спортска облека и капа и пуштил брада.
Покрај Груби, македонската полиција сè уште го бара и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
На 16 декември 2024 година, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против поранешниот вицепремиер Груби за сериозни злоупотреби со тендери во „Државна лотарија“, се дозна дека тој ја напуштил земјата. До денес нема официјални информации за неговото местоположба.
Груби неколку дена пред бегството беше ставен на црната листа на САД заедно со апелациониот судија Енвер Беџети поради „значителна корупција“ со прифаќање мито за прекинување на судските процеси против поранешниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков. И за тие наводи беше отворена истрага, а судијата Беџети пред десетина дена беше разрешен при повторена постапка за случајот во Судскиот Совет.
Единствена информација за можната локација на Груби, лани ја сподели еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити – дека Груби се крие во Албанија. Сепак, и по толку време, никој официјално и институционално не го потврди тврдењето на Меџити. МВР и после една година, се уште не ја знае неговата точна локација.