Косово и Албанија најавуваат заедничка воена единица – како ќе реагира Србија?

Дали заедничката воена единица меѓу Приштина и Тирана значи ставање на вооружените сили на Косово под контрола на НАТО?

од Nikola Popovski
195 прегледи Фото: Министерство за одбрана на Косово

Премиерот на Косово со технички мандат, Албин Курти пред два дена најави дека за Косовските безбедносни сили (КБС) ќе бидат издвоени повеќе од една милијарда евра во следните четири години, заедно со планови за развој на воена опрема што ќе ја носи ознаката „произведено во Косово“. Потегот на Косово дополнително го поставува прашањето за распоредувањето на силите во регионот, особено во контекст на односите меѓу Белград и Приштина, која се стреми да ја подобри својата позиција преку безбедносна соработка со Хрватска и Албанија.

Одлуката на Приштина да инвестира во трансформацијата на КБС и развојот на посветена индустрија доаѓа во време кога безбедносните односи во регионот брзо се преобликуваат, што дополнително го комплицира посложено сложениот безбедносен пејзаж на Западен Балкан. Зборувајќи за потезите на Курти, аналитичарот или координатор на Алијансата за Европска Србија, Марко Матиќ во изјава за „Локално“ вели дека факт е како Косово ги зајакнува своите одбранбени сили и сè додека тие се насочени кон одбранбени цели, западните земји нема да видат проблем во нивниот развој. Од гледна точка на повеќето западни земји, Косово е независна држава и како таква има право да развива сили за самоодбрана.

Марко Матиќ/Фото: Архива

-Од друга страна, за разлика од Србија, Косово не го промовира концептот на неутралност, па затоа може да смета на помошта на своите сојузници. За тоа време, Србија тврдоглаво инсистира на воена неутралност, што значи дека нема одбранбени обврски кон други земји, ниту кон сојузници. Во такви околности, освен протестните ноти и засилената националистичка реторика, Србија нема можност за сериозен одговор на она што го прави Приштина, истакнува Матиќ.

За жал, според соговорникот, властите во Србија долго време ја потчинуваа надворешната политика на, како што вели, внатрешните потреби за опстанок на режимот, што има катастрофални последици за националните интереси на земјата.

-Факт е дека Србија е сè повеќе изолирана и земја без сојузници, која се брани со неаргументирано негирање на правото на другите земји да развиваат меѓусебна соработка во областа на одбраната. Уште поскандалозно е што српското Министерство за надворешни работи не знае дека Словенија и Хрватска не припаѓаат на регионот на Западен Балкан. Оттука доаѓа целата врева за соработката на соседните земји. Сепак, клучниот проблем на Србија е што нема вистински одговор на ова, бидејќи е во ќорсокакот на својата неутралност, што сè повеќе се претвора во катастрофален самоизолационизам, тврди Матиќ.

Според сите релевантни проценки, потенцира аналитичарот, Србија не е загрозена од никаква надворешна опасност. Двете потенцијални кризни жаришта, Косово и Босна и Херцеговина, додава Матиќ, се под безбедносен мандат на меѓународните сили, па затоа тие исто така не претставуваат опасност за Србија, освен во случај самата Србија да изврши агресија врз тие територии.

-Се чини дека во Белград постојано се измислува надворешна опасност со цел да се стабилизира поддршката за режимот, која е разнишана за време на студентските протести што траат цели десет месеци, објаснува соговорникот од Србија.

Oколу дилемата дали повеќе треба да се размислува што ќе биде со Војводина, отколку за веќе „изгубеното“ Косово, Матиќ објаснува дека исто како и надворешните безбедносни закани, приказните за отцепувањето на Војводина се измислени и фабрикувани.

-Прво, мнозинството жители на Војводина се Срби, а популарноста на автономните политички фактори е занемарлива дури и на ниво на статистичка грешка. Во такви околности, отцепувањето на Војводина е вештачки наметната тема со цел да се предизвика страв кај населението и да се манипулира со тој страв за политички цели. Наместо да работи на решавање на големите регионални разлики во развојот и проблемот со депопулацијата што опустоши големи делови од Војводина, владата се занимава со поттикнување на ксенофобија и шовинизам, што фундаментално го загрозува коегзистенцијата на различните национални заедници во Војводина. За жал, тоа е продолжение на деструктивната политика од деведесеттите години, на која Србија речиси целосно се врати, заклучува координаторот на Алијансата за Европска Србија.

Создавањето на заедничка воена единица на Косово и Метохија со вооружените сили на Албанија е дел од поширок план за зајакнување на Косовските безбедносни сили, под контрола на Албанија, земја-членка на НАТО, вели за „Локално“, српскиот политички аналитичар Жељко Ињац, додавајќи дека тоа всушност значи ставање на вооружените сили на Косово под контрола на НАТО. Според него, развојот на воената индустрија и реконструкцијата на фабриката за муниција изгледаат како закана за Србија, но всушност, во време кога се отвораат фронтови низ целиот свет, тоа е многу профитабилен бизнис.

-Албанците се вешти трговци и знаат каде да најдат големи пари. Србија, под водство на Вучиќ, најверојатно ќе реагира на ист начин како што правеше досега, обидувајќи се да изврши дипломатски притисок врз Косово и Метохија преку ЕУ и САД, истакнува Ињац.

Жељко Ињац/Фото: Принтскрин

За „војниот сојуз“ меѓу Хрватска, Албанија и Косово, српскиот аналитичар вели дека станува збор за трилатерална декларација за одбранбена соработка потпишана од овие три земји во март 2025 година во Тирана. Декларацијата предвидува заеднички вежби, обука, купување оружје (на пр. од САД) и одговор на заедничките закани.

-Тоа е она што беше потпишано на хартија. Суштината е посилна регионална интеграција во НАТО. Сепак, не треба да ја изоставиме заканата за Србија, со оглед на историските тензии, конфликти и спорови меѓу Албанците и Хрватите од една страна и Србите од друга страна. Воениот сојуз под контрола на НАТО има за цел да ги смири Србите во случај на посериозни геополитички промени во самата Европа. Поширокиот контекст никогаш не треба да се изостави. Војната во Украина не завршува, ниту пак се гледа нејзиниот крај. Влошувањето на односите меѓу НАТО и Русија води само во една насока. Во случај на конфликт меѓу НАТО и Русија, Србите, кои се длабоко во позадина зад линиите на „Источниот фронт“, мора да бидат „контролирани“ од регионални воени сојузи. Во иднина, ова би можело да значи и конфликт меѓу Србија и нејзините соседи ако, на пример, Русите стигнат до Дунав, наведува Ињац.

Соговорникот смета дека Србија е на работ на нож и однадвор и одвнатре. Доколку внатрешната ситуација во Србија продолжи и државата не е во можност да реагира во случај на закана, според Ињац, брзо ќе стане јасно колку е загрозена однадвор и колку надворешноста и внатрешноста се всушност поврзани и веројатно синхронизирани.

-Сегашната позиција на Србија не е завидна. Сепак, Србите имаат богато историско искуство со токму вакви кризни ситуации и геополитички околности, што секако не значи дека ќе останат без последици доколку геополитичките услови се влошат. Истото важи и за соседите на Србија. Внатрешните услови во Србија лесно можат да се прелеат во целиот регион, оценува Ињац.

Oколу прашањето за Војводина, аналитичарот вели дека е апсурд кој постои само благодарение на западниот притисок. Според него, во Војводина, процентот на Срби во однос на малцинствата е поголем отколку во самата Србија.

-Што значи дека Војводина е почисто српска од самата Србија. Војводина не е пример за регионализација на Србија бидејќи регионализацијата може да се спроведе многу поефикасно врз други основи, туку само непотребен баласт за Србија. Значи, Војводина е секогаш потенцијален проблем за Србија, а во време кога Србија е во криза како што е сега, ваквите проблеми се отвораат и стануваат актуелни, заклучува Ињац.

Н.П.

Слични содржини