Косово и натаму без влада

Новоизбраните пратеници 54 пати до сега се собраа на седници во главниот град Приштина, но конституирањето на народното собрание никогаш не успева.

од desk2
16 прегледи Arianit on Wikimedia Commons, licensed under the Creative Commons Attribution-Share Alike 4.0 International license.

Речиси шест месеци по парламентарните избори, во Косово нема ниту функционален парламент, ниту влада. Партиите се непомирливо раскарани. Незадоволството кај населението постојано се зголемува, пишува Дојче веле (ДВ).

На 9 февруари 2025 година, во Косово се гласаше. Но, во малата држава и ден денес нема функционален парламент, ниту влада. Новоизбраните пратеници 54 пати до сега се собраа на седници во главниот град Приштина, но конституирањето на народното собрание никогаш не успева. Последниот засега обид беше минатата сабота (26 јули 2025 година), а следниот ќе биде на 8 август, но прашање е дали ќе биде поуспешен.

Актуелниот премиер, Албин Курти, упорно одбива да номинира нов кандидат за претседател на Парламентот кој би бил прифатлив за мнозинството пратеници. Кандидатката предложена од партијата на Курти, Самоопределување, министерката за правда Албулена Хаџиу, противниците ја сметаат за премногу партиска и неурамнотежена и затоа секој пат беше отфрлана. Според Уставот (член 67) пак, без претседател на Парламентот не може да се конституира, ниту да започне процесот на формирање влада.

 

Победници на изборите без парламентарно мнозинство
Победници на последните парламентарни избори беа Албин Курти и Самоопределување. Премиерот претходно четири години владееше со сопствено мнозинство. На изборите на 9 февруари 2025 година, тој сепак не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство со 42,3 проценти од гласовите и доби само 48 од 120 мандати – премалку за повторно сам да формира влада. Ниту една од другите големи партии на Косово – Демократската партија и Демократската лига – не се подготвени да влезат во коалиција со Курти. Од друга страна и ним им фали мнозинство за да формираат влада. Таквата пат позиција го доведе Косово во ќорсокак. До формирањето на нова влада, Курти продолжува да биде вршител на должноста премиер.

Хекуран Мурати, поранешен министер за финансии и истакнат пратеник од Самоопределување, ја обвинува опозицијата дека го блокира конституирањето на парламентот, пренесува ДВ.

„Тоа што гласачите не им го дадоа преку избори, опозициските партии се обидуваат да го земат преку опструктивни маневри“, рече тој минатата недела по последната парламентарна дебата. ПДК, која со 20,9 проценти беше втора најсилна партија на изборите, ја опишува ситуацијата како „државен пораз“ и го обвинува Курти. „Нема обиди за наоѓање решение, не се размислува за последиците, нема сочувство со населението – и покрај јасната препорака на Уставниот суд за компромис и доверба“, вели лидерот на ПДК, Мемли Красниќи.

 

Загрижени реакции од странство
Адвокатот и политички експерт Блерим Бурјани го критикува однесувањето на сите партии, кои според него ги гледаат само своите интереси, а не на гласачите.

„Ниту една страна не може да се чувствува добро во моменталната ситуација. Пратениците имаат индивидуален мандат и би можеле да придонесат за решение со потребната волја – но, тие остануваат лојални на своите партии“, заклучува Бурјани.

Претставниците на ЕУ и амбасадорите на таканаречените земји од КВИНТ групата – САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија – исто така се сè позагрижени.

 

Амбасадата на САД во Приштина ги повика партиите да постигнат договор.

„Оваа блокада го одложува напредокот на Косово и го загрозува интегритетот на неговите тешко стекнати институции“, се вели во нивното соопштение и се додава дека „косовскиот народ очекува неговите политички лидери да дејствуваат во најдобар интерес на земјата.“

Германскиот амбасадор во Приштина, Јерн Роде, изјави дека „граѓаните на 9 февруари гласаа – а, од тогаш се поминати речиси шест месеци. Срамно е што парламентот сè уште не е конституиран.“

 

Протест на граѓанското општество
Континуираната политичка блокада го активираше и граѓанското општество. Невладините организации протестираат од 15 април кога пропадна првиот обид за конституирање на Собранието, и бараат создавање функционални институции.

Активистот Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово и портпарол на повеќе од 50 невладини организации, вели дека „ги креваме нашите гласови кога државата е блокирана и кога политичките претставници – владини или на опозицијата – не ги извршуваат своите функции“.

Цаколи првенствено го обвинува победникот на изборите Курти за блокадата. „Во ситуација без мнозинство е секое систематско отфрлање на дијалог и која било формула за решение дел од блокадата – независно од политичката улога или позиција што некој ја има“, изјави Цаколи за ДВ.