Косовската полиција почна да се повлекува од општините на северот

од Nikola Popovski
421 прегледи

Косовската полиција потврди дека почнала постепено повлекување од општинските објекти на северот од земјата, како што е договорено на средбата меѓу вицепремиерот на Косово, Бесник Бисљими и претставникот на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, јавува „Репортери“.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани соопшти дека одлуката на Владата е прифатена од Управата на полицијата веднаш штом била примена и била испратена „на терен“ на извршување.

„Одлуката на Владата на Косово почна да се спроведува“, рече Елшани.

Ден по средбата меѓу Бисљими и Лајчак, Владата на Косово ги презентираше деталите за што точно договориле, наведувајќи дека главниот фокус на средбата бил создавање предуслови за целосно и безусловно спроведување на Основниот договор од 27 февруари и Охридскиот анекс од 18 март.

Владата во Приштина пред два дена соопшти дека е подготвена да придонесе за деескалација на ситуацијата, што го вклучува и сегашното намалување на полициското присуство за 25 отсто во и околу општинските згради во четирите општини на северот, пишува „Косово онлајн“.