Косовската влада го одложи спроведувањето на мерките, се очекува тензијата да стивне

од Берта Китинска
202 прегледи

Косовската влада во неделата навечер, пред стапувањето во сила на мерките за забрана за влез на територијата на Косово за лица со српски легитимации и регулирање на регистарските таблички, објави дека е подготвена да го одложи спроведувањето на тие одлуки до 1 септември, кога се очекува отстранување на барикадите и воспоставување целосна слобода на движење на сите патишта на северот на Косово.

На соопштението на косовската влада претходеше размена на дипломатски пораки и повици за смирување на тензиите, а клучен беше повикот на американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер до косовските власти да го одложат за 30 дена спроведувањето на одлуки кои го кренаа српското раководство на нозе, а косовските Срби реагираа со поставување барикади на патиштата на север кон премините Јариње и Брњак.

Косовската меѓународна воена мисија (КФОР) во неделата објави дека безбедносната ситуација на северот на Косово е напната, дека внимателно ја следи ситуацијата и дека е подготвена да интервенира доколку е загрозена стабилноста. Москва претходно ги повика властите во Приштина, САД и ЕУ „да престанат со провокациите и да ги почитуваат правата на Србите на Косово“.

Шефот на мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Каролин Зијаде, изрази загриженост за ситуацијата на северот и ги повика сите да се смират и да избегнат понатамошна ескалација.

Тензиите беа поттикнати со одлуката на Приштина да им забрани влез на граѓани со српски документи за идентификација од 1 август на полноќ и наместо тоа да им издаде тримесечен „документ за влез-излез“, а регистарските таблички издадени во Србија за градовите во Косово да се заменат со таблички со Косовските ознаки. Станува збор за реципрочни мерки, бидејќи Србија цели 11 години не дозволува влез на косовските граѓани со косовски документи, туку им издава посебни дозволи.

Српското Министерство за одбрана во неделата вечерта ги демантираше информациите во одредени медиуми дека војската на Србија ја преминала, како што наведува, административната линија и дека „на никаков начин не влегла на територијата на Косово и Метохија“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со воениот врв, додека началникот на Генералштабот, генерал на војската на Србија, разговараше со командантот на КФОР. По средбата, Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека побарале од меѓународните претставници да влијаат на албанската страна, што тој го смета за неодговорно, пред дијалогот во Брисел, изразувајќи ја својата верба во добри вести. Во неделата, српскиот претседател одржа вонредна прес-конференција и ги повика Косово и западните земји кои ја поддржуваат Приштина „да се вразумат“ за да се избегнат можни конфликти по административните одлуки на косовската влада, кои Белград ги оспорува, а кои Приштина гледа како израз на суверенитет.

Вучиќ во саботата се сретна со претставници на косовските Срби кои изразија загриженост и предупредија на можни несреќи во случај Косово насилно да ги спроведе тие одлуки. На северот на Косово вечерва се слушнале сирени, а косовската полиција во неделата вечерта соопшти дека на неколку места на северот се слуша пукање и дека пукотници се пукале и во правец на полицајците, но дека нема повредени.