СДСМ ја создава најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина, заедно е со граѓаните, го слуша нивниот глас, ги следи нивните потреби и ги претвора во конкретни решенија,a ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во континуитет остануваат единствени на браникот на криминалот, вели пратеникот од редовите на СДСМ, Константин Костадинов на прес-конференција.
Според него, дури и нивниот блеф за наводен нов концепт, наводни нови политики, испари за само неколку дена.
„Знаат граѓаните дека тоа не е искрено, дека не е чесно од страна на Мицкоски и затоа не му даваат доверба. Бадијала ВМРО-ДПМНЕ се премачкува со разни бои, бадијала краде слогани од СДСМ. Не постои боја што може да го префарба и да го покрие криминалот и корупцијата што ВМРО-ДПМНЕ ги правеше 11 години“, додава Костадинов и потенцира дека затоа СДСМ е фаворит на следните избори, затоа што граѓаните знаат дека само СДСМ може да го донесе најдоброто за нивната општина, најдоброто за државата.