Костадинов до Филипче: Ти простувам за измислиците, тешко е да го носиш СДСМ во себе кога си дојденец

Костадинов го демантира Филипче: Не сум плукал по партиските другари, тоа не е мој стил ниту практика

од Nikola Popovski
349 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Костадин Костадинов

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов упати критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче по неговите изјави упатени кон неговиот довчерашен сопартиец. Костадинов се огласи на социјалните мрежи и ја објасни ситуацијата.

„Во едно скорешно интервју на МТВ во емисијата „360 степени“ со реномираниот новинар Васко Попетревски, претседателот на СДСМ, г. Венко Филипче, посочи дека наводно јас „сум плукал по партиските другари” и уште низа други нејасни ставови, кои практично ме натераа дури и со замрзнато членство во мојата партија, да одговорам со намера да останам доблесен кон моите партиски другари, луѓе до кои сум растел, сум се развивал и луѓе кои од душа ги почитувам и сакам“, објави градоначалникот.

Дециден е дека зборовите на Филипче се целосна бесмислица и измислица.

„Такво нешто никогаш не било мој стил, ниту моја практика. Но, јас нема да одговорам во ист тон и со ист наратив. Не сакам, дури ни несвесно, да направам штета на изборниот процес или на било кој кандидат на СДСМ. Иако ова, за секој политичар, претставува класичен „пенал“ момент можност да нападне и да извлече поени – јас ќе направам нешто друго: ќе простам. На претседателот ќе му простам и сè кажано ќе го примам како вид политичко неискуство кое е нормално на почеток на секоја кариера“, истакнува Костадинов.

Градоначалникот смета дека лесно е да се биде во СДСМ. Но, како што вели, „многу потешко е да го носиш СДСМ во себе – особено кога изворно не си дел од неговите темели, туку си дојденец во него“.

Градоначалникот на Струмица нема да биде во трка за нов кандидат. Вели дека решил да се повлече од трката бидејќи нема предизвик за него во моментот и дека не е научен да губи на избори. Тој вели и дека нема дебата и суштинска понуда за градот, но и дека нема конкуренција.

СДСМ одлучи дека во Општина Струмица кандидат ќе биде Марјан Даскаловски, претседател на струмичката партиска општинска организација.

Слични содржини