Сетете се на ставот на Венко Филипче – и тоа не е одамна, туку пред неколку месеци дека СДСМ исклучиво ќе се држи до анкетите. Ако е така – еве ги анкетите: водам 3:1 пред сите други потенцијални кандидати, од сите партии. Не треба јас да ги објавам – повикајте ги вие како медиум да ви ги достават официјално. Ќе видите кој е реален, а кој наметнат, вели градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во интервју за „Локално“ откако не доби поддршка од неговата партија за да трча по втор мандат на локалните избори.
Костадинов се уште не одлучил дали ќе настапи како независен кандидат во трката за Струмица.
-Разговарам секој ден со огромен број членови на СДСМ – чесни луѓе, вредни луѓе, вистински социјалдемократи, кои не ја оправдуваат одлуката што ја турка Венко Филипче. Тие се разочарани, но не од мене – туку од начинот, од потценувањето на членството, од игнорирањето на реалноста.
Но, сакам да бидам јасен – ми треба време. Затоа што не сакам да повредам никого – ни тие стотици членови кои останале лојални на општинскиот огранок, ни луѓе кои можеби имаат други убедувања. Не сакам да го повредам ниту Марјан Даскаловски, кој можеби ќе биде мој противкандидат. Јас не одам против личности туку одам против неправдата и погрешната насока, рече меѓу другото довчерашниот член на СДСМ кој го замрзна своето членство во партијата.