Костадинов: Изборот на членови на Советот на АВМУ како и членови на Програмскиот совет на Националната радио телевизија премногу долго се одложуваше

По повод, предлог-законот доставен до Собранието за АВМУ, денес се огласи портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов и образложи што ќе содржи истиот.

„Реформата и професинализацијата на медиумските регулаторни тела се важни за напредокот на државата и уште поголема демократизација на нашето општество.

Тоа граѓаните го очекуваат и го бараат.

Како предводници на парламентарното мнозинство должни сме и посветени да го обезбедиме овој реформски процес.

Затоа до Собранието доставивме Предлог – Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку кој Советот на АВМУ ќе добие независен, професионален и стручен состав.

Изборот на членови на Советот на АВМУ како и членови на Програмскиот совет на Националната радио телевизија премногу долго се одложуваше поради неразумни блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Зад овие блокади се крие само партиски интереси и политика на отпор кон реформи и професиноални институции.

Време е, овие две важни тела за медиумите да добијат нови состави од независни, професионални, угледни членови, докажани во своите области.

Потребата од јакнење на капацитетите и зголемување на професионалноста на Националниот сервис беше нотирана и во Извештајот на Европската комисија и редовно е дел и од извештаите на меѓународната организација „Репортери без граници“.

Професионализацијата на Агенцијата и Националниот сервис, нивно ослободување од партиските стеги, е од особено значење за медиумите и унапредување на демократските вредности во државата.

Собранието и во случајот на избор на кадри на Државната комисија за спречување на корупцијата и на Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, покажа висок степен на подготвеност и капацитетност. Овие важни тела добија силни, независни, професионални состави.

Така ќе биде и со изборот на членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на НРТ. Низ инклузивна, транспарентна и отчена постапка ќе се изберат најдобрите решенија кои ќе гарантираат професионалност и независност.

Повикувам на одговорност од сите пратеници. Наместо блокади и бојкоти да застанат зад овој предлог-закон и реформите да продолжат. Затоа што тие се во интерес на државата, на граѓаните, на медиумите, на целото наше општество“, стои во соопштението од Костадинов.

Слични содржини