Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешното гостување во утринската емисија „Македонија наутро“ на Македонската радио-телевизија апелираше до корисниците кои сѐ уште не аплицирале на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, да го сторат тоа, имајќи предвид дека е ова последна недела и да не го чекаат последниот рок.
„За помош за корисниците е изработена видеопрезентација за чекорите за аплицирање. Системот е поедноставен. Ги повикуваме да аплицираат и оние што никогаш не аплицирале досега. Да напомнеме дека документацијата мора да биде целосна. Не треба да се случи преоптовареност на системот и да се чека последен момент“, рече министерката за култура.
Таа потсети дека од 3 октомври е отворен системот за електронско пријавување на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, кој ќе биде затворен на 6 ноември, точно напладне.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека комисиите што ќе ги разгледуваат пристигнатите проекти се веќе формирани и следува периодот кога започнуваат да ги разгледуваат пријавите на националните установи.
„Веруваме дека новините и промените што ги направивме во Конкурсот ќе дадат дополнителен квалитет. Главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти: квалитет, иновативност, креативност. И следната, 2024 година, во фокусот ќе биде поддршката на младите луѓе. Не може постојано да се бара само искуство, треба да се даде предност и на младите кои првпат аплицираат на конкурсот“, рече Костадиновска-Стојчевска, која потсети дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии.
Костадиновска-Стојчевска го спомена и позитивното искуство од проектот „Цртај на македонски“ во чии рамки беа поддржани креативноста и иновативните идеи на голем број млади и токму во таа насока ќе се движат и приоритетите за одлучување на комисиите на годинашните конкурси.
„Секоја година се давало и се дава предност на традицијата, културата, нашиот јазик, идентитетот и на она што нам ни претставува национална гордост. Сето тоа има предност и се финансира дури некогаш и во целост од Министерството за култура. Тоа не е обврска само на НУ коишто се занимаваат со таа дејност, морам да ги споменам: НУ „Танец“, НУ Ансамбл на албански народни ора и танци, „Илиденски денови“ кои ги организира ЦК во Битола, фестивалот „Рута“ кој го организира Драмскиот театар. Комисите секоја година обрнуваат внимание на креативноста, на уникатноста на млади автори, меѓутоа традиционалните вредности се застапени еднакво во финансирањето проекти од областа на култура“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура изрази верување дека буџетот на Министерството за култура за 2024 година ќе биде повисок, но потсети дека конкурсите се однесуваат на поддршка на проекти, а не на целосно финансирање.