„Законот за употребата на македонскиот јазик е заглавен во Собранието поради пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и затоа, апелирам до Комисијата за култура да седне на маса и да се заврши оваа процедура, бидејќи тековниот Закон е од 1998 година и потребни се овие измени“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето во вестите на МРТ1.
-Со донесување на нов Закон за употреба на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително се користи македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо и ја дава основата за усвојување на Национална стратегија за македонскиот јазик, што ни овозможува дополнително да го чуваме неговиот интегритет. Министерството за образование и наука ќе нуди стипендии за јазични студии, а професионалните лектори ќе бидат лиценцирани. – истакна таа.
Одговарајќи на новинарско прашање за зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион на листата на Светско културно и природно наследство, посочи дека има уште многу работа, но, дека со оглед на фактот што осум години од 2010 до 2018 буквално не се работело на овој процес, одлуката на Комисијата во Ријад е навистина охрабрувачка.
„Од 2018 година напорно работиме за задржување на статусот на Охридскиот Регион на листата на Светско културно и природно наследство, заедно со Албанија, имавме силни аргументи од мораториумот за градби, но и борбите на Комисијата и невладините организации, не значи дека направивме доволно, но, и покрај пречките додека траеше ковид кризата и оваа одлука е ветер во грб и за експертските тимови кои ќе продолжат интензивно и координирано да работат и да дејствуваат во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз природните особености и вредности на Охридскиот Регион“, потенцираше министерката.
Костадиновска-Стојчевска рече дека прогласувањето на Скопје за „Европска престолнина на култура за 2028 година“ е навистина убава вест и е можност за развој на нашата култура која е заштитена и уникатна и претставува нова перспектива за културните работници во земјава.
– Благодарност до тимот кој аплицираше за оваа титула, како и до тимовите кои ја одбранија таа номинација, односно тимовите во кои заеднички работевме. Процедурата за предвање на Униврзалната сала течат согласно роковите, а штом ја добиеме документацијата од Градоначалничката Данела Арсовска ќе ја реновираме во најбрзиот можен рок, рече министерката.