Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова, трајна адреса – во зграда бр.1, влез 1, на бул.„Гоце Делчев“ бр.4, на Катастарска парцела бр. 9505/1, Катастарска општина Центар 1, со Имотен лист бр. 40986, информира денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Се работи за дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната Опера и балет, простор од 475 м2, за чие соодветно реновирање имаме и проект и обезбедени средства. Овој простор од 475м2 е со трајно користење на Министерство за култура.
-Откако беше заокружен целиот процес, кој заради почитување на законските процедури и рокови неминовно траеше неколку недели, Владата , на денешната седница, донесе одлука овој простор да ѝ припадне на Националната установа Џез оркестар и на тој начин најдобро да го искористи и да го сочува државниот имот. Ќе нагласам – иако се работи за државен имот, беше потребно време за комплетирање на документацијата, запазување на сите законски постапки и изготвување на проект за реконструкција и адаптација на просторот, а сето тоа одеше етапно и се разгледуваше на неколку владини седници. Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив, рече министерката на прес-конференција.
Костадиновска Стојчевска побараа извинувања кон јавноста и публиката од директорката и управниот одбор кои, како што вели, свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини.
-Невистините, манипулациите и заканите продолжија и откако на владина седница ја дополнивме одлуката, допрецизирајќи и нагласувајќи дека Џез оркестарот времено, до своето законско оформување, ќе биде во дел од просториите на Филхармонија. Поединци, користејќи се со полувистини, на сите манипулации ја дотурија и таа дека „заради нивното спротивставување и борба за зградата на Филхармонија“ јас сум им испратила инспекција. Вистината е далеку од тоа. Се работи за редовна комуникација на службите од Министерството за култура со Националните институции, и тие не се инспектори.
И уште една полувистина – посебната сметка на Филхармонија е блокирана?! Не е точно. Вистината е дека , заради подобра евиденција и искористеност на секој денар во културата, од пред неколку месеци побарав сите Национални установи да достават прецизен план каде ќе бидат искористени тие средства. Ако отчетност бараме од другите корисници, зошто не би ја барале и од Националните установи, кажа министерката, нагласувајќи дека новоформираната национална установа Џез оркестар , со одлука на Владата, добива посебна трајна адреса и простор.
Костадиновска-Стојчевска верува дека вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија.
-Во исто време, ги повикувам сите вработени во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите. Тоа сите и го должиме на публиката. Да го дочекаме големиот Мехта достоинствено. Ова е крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари. Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија. А тие што одбиваат да градат мир, чесно е да се повлечат, соопшти министерката за култура.