Костадиновска-Стојчевска: Додека сум министерка нема да дозволам да биде оштетена ниту една установа која е изградена со парите на граѓаните

од Nikola Popovski
228 прегледи

„Се согласувам со ставот на Управниот одбор на Филхармонија, дека сите вистини околу работењето на оваа установа  ќе излезат на виделина, но, не се согласувам дека се работи за манипулации, не се работи за реваншизам и политички притисок од моја страна бидејќи членовите на Џез оркестарот се нивни колеги“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето во вестите на МРТ1 околу последните случувања во Филхармонија и смената на директорката за несовесно работење.

-Преку програмата на ТАВ за новоформираната Национална установа Џез оркестар, која освен што доби трајна адреса од страна на Владата во Националната опера и балет, обезбедивме 10.000 евра со кои доделениот објект ќе биде соодветно реновиран. Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет, појасни министерката.

На новинарското прашање дали се работело за пресметка со Управниот одбор и директорката на Филхармонија, таа посочи дека пресметка е погрешен збор, бидејќи со одлуката на Владата за да се формира новата Национална установа  била потребна да се искористи адреса од установа во државна сопственост, а потоа да се одреди вистински простор за овие музичари.

„Тоа неколку пати лично го објаснив, но не бев разбрана, туку тие ова го сфатија како атак на нивната автономија, ние со таа одлука, дадовме рок од 6 месеци да се формира, најдовме и простор, средства, обезбедивме и проект и веќе се работи на осовремување на тој простор. Како министерка за култура никогаш нема да дозволам да биде оштетена ниту една државна институција и раководно лице, но ако едно раководно лице кое неплански ги користи средствата и уништува национална установа по лично убедување, а не за доброто на сите, секогаш ќе реагирам бидејќи тие се изградени со пари на граѓаните“- рече Костадиновска-Стојчевска.

На прашањето како би ја коментирала пораката на сцена од актерката Лабина Митевска  „Политичарите треба нас да нѐ молат, времињата се менуваат“, министерката рече дека оваа порака ја нагласува потребата за посилен дијалог и соработка помеѓу политичарите, институциите со уметничката заедница.

– Пред се на овогодишните носители на „Златна камера 300“ и на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од срце им ги честитам признанијата. Тие ја заслужуваат нашата почит. Навистина, коментарот на г-ѓа Митевска одразува чувство и потреба дека на уметниците им е потребна поголема поддршка и се согласувам со неа. Ја нагласува потребата за посилен дијалог и соработка помеѓу политичарите, институциите со уметничката заедница. Нашиот напор е да поттикнеме негувачка средина каде што уметноста може да се развива и да придонесе за општествениот дискурс, збогатувајќи ја културната понуда во земјава, додаде министерката.

Според министерката голема манипулација е дека на филмските работници им се скратени пари, во ниту еден момент буџетот на Агенција за филм не бил скратен – не се точни информациите дека се кратени средства, некој погрешно ги информирал филмските работници.

– Агенцијата за филм има реализација на средства од сопствената сметка од само 30%, иако е веќе втора половина на септември и потенцираше дека Агенцијата има и тоа како доволно средства за да ги исплати сите филмски проекти кои ги исполнуваат условите. Ребалансот на буџетот никако не го допира буџетот на Агенцијата за филм, истакнаа таа.

Обврска на директорот е да прави планови за реализација и исплата на обврските кон проектите кои веднаш ќе бидат потпишани, истакна министерката за култура, но дека тие работат по принципот прв дојден и прв услужен и токму затоа во моментот се буџетира само еден македонски филм, а сепак конкурирале 17.

Слични содржини