Костадиновска-Стојчевска ги отфрла дезинформациите: Платите во културата се регулирани со еден од најдобрите Колективни договори

од Nikola Popovski

Категорично ги отфрламе информациите споделени во текстот на „Слободен печат“, со наслов „Реакција на ЈАДРО: Парите за културата се распределуваат на партиски и пријателски клиенти, државните политики се поразителни“ во кој се даваат неосновани квалификации за работата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, велат од Министерството за култура.

Во текстот пишува дека „мандатот на министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска го одбележаа силни реакции на културната јавност поради нејзините одлуки како што беше префрлањето на џез оркестарот во зградата на Филхармонијата, смената на директорката на Филхармонија“.

-Овие наводи ги отфрламе како неточни зашто не станува збор за никакво префрлање на новата установа Џез оркестар во Филхармонија, туку првичната одлука беше тоа да е привремената адреса за установата до нејзиното формално формирање. Филхармонијата во тој период креираше случај без основа, што се потврди со обезбедувањето на нов простор за Џез оркестарот.

Смената на директорката на Филхармонија е разрешена согласно почитување на законите и ревизиските обемни извештаи со неправилности во работата, затоа не ја разбираме потребата да се афирмира нешто што е спротивно на закон.

Тенденциозни се тврдењата, министерката за култура да се доведува во контекст на намалување на буџетот за филм и состојбите во Агенцијата за филм, установа која е независна и владина институција, чиј буџет не е поврзан со надлежностите на Министерството за култура.

Како непознавање го толкуваме ставот дека во ресорот култура се протестирало за повисоки плати. Платите во културата се регулирани со еден од најдобрите Колективни договори во државата и тие се на едно од повисоките нивоа во сите дејности. Колективниот договор во целост се почитува, и во мандатот на министерката Костадиновска-Стојчевска немаше протести поврзани со незадоволство за плати.

Со жалење констатираме за неинформираност на вашиот медиум и околу тврдењето за „статус кво“ за реконструкција на Универзалната сала. Министерката за култура вчера на прес-конференција соопшти дека, и покрај сите кочници, „по потешкиот пат, но сепак успеавме“. Министерството за култура ја обезбеди комплетната документиција, и Универзаланата сала следната недела започнува да се реконструира, стои во соопштението на ресорот култура.

Слични содржини