Костадиновска-Стојчевска: Интензивирање на културната соработка е високо на агендата во односите со Обединетото Кралство

од Nikola Popovski
205 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во рамките на работната посета на Лондон, денеска оствари средба со Викторија Билинг, директорка за Европа во Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и со директорот на глобалната мрежа на Британскиот совет, Чарли Вокер.

На средбата Костадиновска-Стојчевска – Билинг беше реафирмирано 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, при што министерката за култура ја истакна силната определба за развивање и зацврстување на билатералното партнерство со Обединетото Кралство.

Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност и за поддршката во доменот на економската соработка, како и за силната посветеност на Обединетото Кралство во процесот на европската интеграција на земјава.

Како министерка за култура, пак, Костадиновска-Стојчевска ја истакна и важноста на културната размена во согласност со потпишаниот Договор во областа на културата, кој е правна рамка за зајакнување на размената.

Костадиновска-Стојчевска и Билинг искажаа взаемна благодарност за досегашната соработка, истакнувајќи дека Северна Македонија е важен партнер во односите со Обединетото Кралство, со кое ги дели истите вредности.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја сподели со директорот на Британскиот совет, Вокер, исклучително позитивната улога на глобална мрежа во нашата земја. Соработката меѓу Министерството за култура и Британскиот совет овозможи развој на културните и креативните индустрии во нашата земја, како и реализација на голем број заеднички проекти преку националните институции во културата и образованието.

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека регионалниот пристап во реорганизацијата на Британскиот совет нема да биде на штета на нашата успешна соработка, особено во делот на креативните индустрии. На средбата стана збор за можностите од поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација.

Средбата која протече во пријатна атмосфера беше повод да се поразговара и за поврзаноста на туризмот и културното наследство, како и за зголемениот интерес на Британците за нашата земја.

Посетата на министерката за култура на Обединетото Кралство продолжи на Факултетот за словенски и источноевропски студии при Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Во попладневните часови Костадиновска-Стојчевска ќе има средба со раководството на Филмскиот фестивал за жени над 50 години (WOFFF), а во 18 часот е свечениот концерт по повод 30 годишнината од воспоставување дипломатски односи со Обединетото Кралство, каде што ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич, кој е голем и искрен пријател на Северна Македонија и одличен познавач на приликите во земјава и во регионот.

Слични содржини