Костадиновска-Стојчевска: Крива Паланка како Град на културата ја промовира автентичната македонска култура во регионот

од Nikola Popovski
203 прегледи

„Со 3 милиони денари ја поддржуваме Општина Крива Паланка, која ги става во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети за реализација на манифестацијата Град на културата за 2024 година“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција по повод започнувањето на оваа манифестација.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека Министерството за култура продолжува со поддршка на проектите преку кои културата се става во функција на општествен развој и нејзино промовирање на локално ниво и додаде: „Преку финансиската поддршка на овие проекти, како и поддршката во рамките на Годишната програма, но и со средствата вложени преку Програмата за капитални дотации за општините, за што Крива Паланка доби 800 илјади денари за проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на зградата на НУ Центар за култура, се создаваат услови за системски и континуиран развој на културата во овој град, како и во регионот“.

Министерката за култура изрази уверување дека целата програма ќе му даде нов пулс на градот, а жителите, како и гостите, секојдневно ќе придонесуваат Крива Паланка оваа година да живее во поинаков ритам.

„Очекувам многубројните настани, покрај промоција на културата, да придонесат за поголема посетеност на градот, афирмација на културното и природното богатство на овој регион, убавините на Осогово, на уникатниот Осоговски манастир, на вредните локалитети, со што создаваме модел на самоодржливост во културата и поддршка на туризмот. Сево ова заедно секако ќе придонесе за економски придобивки на Крива Паланка“, рече министерката за култура.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека е огромна честа што Крива Паланка е Град на културата за 2024 година, во чии рамки Општината, во соработка со Центарот за култура и со Градскиот музеј, креира програма преку која се негуваат традиционалните вредности, се промовира културно-историското богатство на Крива Палнака, се поддржуваат постојните и се иницираат нови манифестации.

„Тимовите за реализација на програмата веќе интензивно работат и се надевам дека со својата посветеност ќе бидеме на висина на задачата Крива Паланка да светне под рефлекторите, претворајќи се во една огромна културна сцена со настани каде што ќе бидат вперени очите на целата македонска јавност и на јавноста од регионот“, рече градоначалникот Митовски.

Програмата за манифестацијата ја претстави директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски, кој ги презентираше содржините од главната и од придружната програма, како и локалните институции од културата и капацитетите на Општината што ја реализираат манифестацијата. Заедно со Министерството за култура, креирана е програма со над 50 различни настани за сите генерации и сите уметнички вкусови.

На прес-конференцијата говореа и претставниците на Меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“, Јордан Михајловски, и на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, Гоце Ристовски, кои се навратија кон значењето и историјатот на манифестациите кои прераснаа во меѓународно признаени и релевантни настани со значење за целиот регион.

Публиката до крајот на годината ќе може да проследи концерти, театарски претстави, книжевни настани, фолклор, традиција, филмска уметност, програма за најмладите, гастрономски специјалитети од регионот, едноставно култура достапна за сите.

Програмата започнува на 16 март со манифестацијата на маски и ритуално палење оган „Сусурига 2024“, по што на 23 март е концертот на Каролина Гочева, „Македонско девојче“, а следниот ден е традиционалната етнолошка манифестација „Невестинско поклонение“.

Слични содржини