„Објектите на Скопје 2014 се како ‘циркони’ кои може да се ‘светликави’, но тоа не е сјајот на Скопје. Тие кич циркони се симболи на делба, а Скопје не е тоа на ниту еден начин“ напиша министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на нејзниот Фејсбук профил.
Таа додаде дека Скопје по земјотресот требаше да биде град на нова ера, агора на демократијата и форум на слобода, но во децениите што следуваа Скопје доживеа и еден идеолошко-политички земјотрес на самоповиканите квази урбанисти и идентитетски квази инжинери преку проектот „Скопје 2014“.
„Го откорнаа градот од неговата органска поврзаност со вековната, препознатлива приказна на град со отворена и инклузивна урбана средина на различни култури и традиции. Го нарушија единствен ритам на пријателска, комшиска заедница во која солидарноста е нишката која поврзува“ напиша Костадиновска-Стојчевска.
Во објавата, министерката додава дека Скопје е град на кој не му личат делбите, туку град на кој му приличи заедништвото и емпатијата.
„60 години Скопје на солидарноста возвраќа со љубов и останува отворен град за сите. Каков што бил отсекогаш и кога бил Скупи, и Јустинијана, и кога со старата чаршија била новоизградена“, пишува Костадиновска-Стојчевска.