Министерката за култура и потпретседателка на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска за утринската програма на ТВ Канал 5 изрази очекување дека законот за македонски јазик ќе биде изгласан во најразумно време.
-Предлогот законот за македонски јазик вчера го помина првото читање на пленарна седница во Собранието. Дебата е на високо ниво, на едно конструктивно ниво бидејќи зборуваме за закон за употреба на македонски јазик којшто решивме оваа година заедно со работната група да го претставиме како нов текст. Постоечкиот закон кој бил изгласан во 1998 и кој имаше претрпено само неколку технички промени навистина ја регулираше употребата на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, но, имаше одредени недостатоци, истакна Костадиновска Стојчевска.
Министерката порача дека сега законот влегува во амандманска расправа и изрази надеж дека конструктивната дебата ќе продолжи.