Костадиновска-Стојчевска: Платите на културните работници повисоки за 10%, останува активен колективниот договор од 2019-та

од Vladimir Zorba
2,4K прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска денеска во вестите на „Канал 5“ телевизија изјави дека вработените во институциите кои спаѓаат под Министерство за култура добија покачени плати за 10%, согласно стапувањето на сила на општиот Колективен договор кој се однесува на сите вработени во јавен сектор, и дека останува активен и Колективниот договор на Синдикатот за култура на Република Македонија.

„Вработените во институциите кои се под Министерството за култура веќе ги имаат своите плати на нивните сметки. Меѓутоа она што се јави како забуна кај нив беше кога моравме да направиме измена на нивните решенија за плата, бидејќи претходно во преговорите со репрезентативниот синдикат во областа во култура, не успеавме да постигнеме договор за потпишување на Анекс на Колективниот договор како што го направија и другите сектори и токму затоа моравме да имаме правен пат, односно правен механизам врз којшто Министерството за финансии ги исплатил нивните плати, рече Костадиновска-Стојчевска.

Со цел никој да не биде доведен во заблуда или да помисли дека министерката за култура или Владата сака да ја ограничи примената на Колективниот договор на Синдикатот за култура на Република Македонија, којшто е потпишан во 2019 година, Костадиновска-Стојчевска појасни дека ова зголемување од 10%, се однесува на сите вработени во јавен сектор и затоа било потребно да се изменат решенијата за плата, во кои е објаснето дека сега ова покачување се однесува на друг Колективен договор и затоа мора да имаат изменети решенија бидејќи се изменува нивната плата.

– Она што се случи како забуна е тоа што еден дел од вработените одбија да ги потпишат тие решенија за плата каде што стоеше дека нивните плати се покачени за 10 отсто и како такви ќе се исплаќаат заклучно со март 2024 година. Што значи дека во март 2024 година кога повторно ќе имаме зголемување на минималната плата бидејќи како Влада сме го поставиле тоа како цел и како определба дека минималната плата ќе продолжи да расте, тие ќе мора повторно да имаат нови решенија за плата, коишто апсолутно нема да им го минираат нивниот колективен договор потпишан во 2019 година, туку само ќе ја имаат нова плата којашто ќе се пресметува по поволното право, објасни министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа укажа дека предложеното решение било прифатено и од страна на синдикатите во преговорите и ги уверува вработените во институциите од култура дека нивниот колективен договор е активен и важи и воопшто нема никаков обид за минирање, туку едноставно како што рече министерката Костадиновска-Стојчевска „моравме да направиме вакви нови решенија, затоа што добиваат право на плата по друг Колективен договор“.

На прашањето кој е планот за решавање на ова прашање Костадиновска-Стојчевска рече дека нејзина должност била во консултација со Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, да изнајде правен механизам на културните работници да им се испрати повисока плата, и доколку сметаат дека некое право им е прекршено имаат право да се жалат.

„Тоа зголемување и овој месец и следниот месец и сите наредни месеци до стапување на сила на новата минимална плата, тие ќе си ги имаат своите плати, редовно исплатени на сметка. Тоа е знак дека и тоа како сме насочени кон тоа да има уште поголеми плати. Ако тие сметаат дека уште некое право им е прекршено, имаат право да се жалат, а меѓутоа и ние како Министерство за култура ќе одговориме на тоа соодветно и правно издржано, дека тоа беше единствениот начин е единствениот пат тие да ги добијат своите плати“, заклучи министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во изјавата за „Канал 5“.

Слични содржини