Костадиновска-Стојчевска: Сѐ е јасно во Решението, 12 % повисоки плати на културните работници

од Nikola Popovski
168 прегледи

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по реакциите на Синдикатот на културата на Република Македонија за наводни нејаснотии во Решението за плата изготвено од Министерството за култура и неоснованите обвинувања за кратење на платите во културата, одржа прес-конференција на која јасно соопшти дека нема никаква опасност од кратење на платите, напротив платите во март повторно се покачуваат.

„Би сакала да не се шират дезинформации, некакви теории на заговор, дека Министерството за култура сака нешто да скрие. Напротив, секогаш сме работеле одговорно и транспарентно, во служба, пред сѐ, на културните работници. Сѐ е јасно во Решението за плата, платите на културните работници ќе се покачат за 12 проценти“, рече министерката за култура објаснувајќи го образецот на Решението што Министерството за култура, преку официјална е-пошта, го достави до установите за пресметка на платите.

Костадиновска-Стојчевска појасни: „Последниот пат кога се доби 10 проценти покачување, беше во септември 2023 година, според член 14 став 1 од Општиот колективен договор, а во текот на цела 2023 година имаше вкупно 21 процент покачување на нивните плати.

Фер е да кажеме дека во изминатите 4 години, од 2020 година до септември 2023 година кога беше последното покачување, покачувањето на платите на културните работници, почитувајќи ги Колективниот договор, склучен на 30 декември 2019 година, и Општиот колективен договор, изнесува 40 насто. Со ова последно покачување во март, покачувањето на платите во културата е 52 насто“, информираше министерката за култура, аргументирајќи дека кратење на платите во секторот нема да има.

Костадиновска-Стојчевска го појасни Решението испратено до установите, одговарајќи на нејаснотиите што се јавуваат и разменуваат преку Синдикатот на културата, и додаде дека за изработка на овој документ Министерството за култура ги консултираше Министерството за труд и социјална политика и Државниот испекторат за труд.

Министерката потенцираше дека во изминатиов период откако е донесен Колективниот договор во културата, во ниту еден момент не станало збор за негово непочитување, додавајќи дека од самото потпишување на Колективниот договор во 2019 година, тој е испочитуван.

„Некогаш сме имале потреба за одредени кратења на средства или пренамена за да ги дообезбедиме платите, меѓутоа во последните три буџети, зголемувањата на платите им се предвидени. Можат и самите културни работници да проверат дека и најновото покачување од март е предвидено во системот за изработка на плати на Министерството за финансии.“

Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека кратење во културата нема и упати апел да не се шират дезинформации, да се шири страв и паника во секторот, зашто Колективниот договор се почитува, и со секое ново покачување на минималната плата, платите во културата уште повеќе ќе растат. Тоа е наша заедничка цел, рече министерката за култура, говорејќи за завидното ниво на платите што културните работници го заслужуваат.

Слични содржини