Костадиновска-Стојчевска во Прага: Со Чешка споделуваме богато словенско минато и неопходна европска иднина

од Vladimir Zorba
198 прегледи

Синоќа, на Денот на независноста – 8 Септември, во Прага продолжија настаните од манифестацијата „Денови на македонската културата“.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, пред концертот на реномираниот Камерен оркестар од Битола и истакнатите солисти Влатко Стефановски и Тамара Тодевска, рече: „Честит да е Денот на нашата независност кој го одбележуваме во еден од најубавите градови во Европа и во земја пријател! На домаќините им благодарам за чувството дека на 8 Септември, на нашиот трет Илинден, како да не сме далеку од дома. Веројатно и поради фактот што со Република Чешка споделуваме богато словенско минато и неопходна европска иднина“.

Министерката за култура, цитирајќи го Вацлав Хавел – првиот демократски избран чешки претседател, писател и борец за човекови права по падот на Берлинскиот ѕид и по Сомотската револуција во чии први редови беа токму културните работници и студентите – дека има визија за обединета, демократска, безбедна и мирољубива Европа, нагласи дека тиранијата и ѕидовите не им прилегаат на уметноста и на младоста – тие се нивните најголеми непријатели.

„Денеска сме меѓу пријатели, во преубавата Прага во која се школувале наши врвни имиња од културата, особено во филмската уметност. И денес тука имаме македонски студенти по уметност. Се радувам на средбата со нив. Ревијата на македонски филмови, театарската претстава и концертот што следува се само дел од размената на нашите културни вредности“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура нагласи дека во време кога на Европа ѝ е потребно единство како никогаш досега, преку културата, која е синоним на заедништвото, ја афирмираме македонската музика преку настапот на реномираниот Камерен оркестар од Битола, со единствените Влатко Стефановски и Тамара Тодевска како солисти.

Во биографијата на Камерниот оркестар од Битола се запишани над 100 концертни настани во сопствена продукција, соработка со многу домашни и странски диригенти, солисти и многубројни гостувања на речиси сите домашни фестивали и најголеми фестивали низ целиот Балкан.

Програмата на „Деновите на македонската култура“ во Прага, Чешка, се заокружува денеска со претставата „Антитело“, авторско дело на студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на проф. Зоја Бузалковска, која ќе биде изведена во престижниот театар „Divadlo Apollo“.

Слични содржини