Костадиновска-Стојчевска за „Браќа Манаки“: Уметноста секогаш е убава вест

од Vladimir Zorba

Овој фестивал е прв, оттаму и најстар фестивал во светот посветен на уметноста и љубовта кон кинематографијата. Во Битола, на овој фестивал, дојдоа многу познати имиња, но и од Битола заминаа многумина кои потоа станаа познати, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки” во Битола.

-И вечерва, ми навираат спомени од детството кога со нескротлива љубопитност исчекувавме која ѕвезда ќе ни дојде во градот. А дојдоа многу, и со самото доаѓање донесоа празнична атмосфера во чест на Јанаки и Милтон Манаки – први на Балканот, меѓу првите во Европа. Таква е Битола. Ќе ве дочека со срце, ќе ве испрати со благослов, и со надеж дека ќе и се вратите. Зашто во Битола се роди првиот филм на Балканот, меѓу првите во Европа, рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска на наградените им честиташе и истовремено им посака да останат „опседнати со светлината“ како што биле браќата Манаки кои на човештвото му оставија историски филмски и фотографски записи од драматичната прва половина од 20. век.

– Уметноста секогаш е убава вест. А летово, како низа од уникатни бисери, се нижат престижните – „Охридско лето“, „Браќа Манаки“ и „Струшки вечери на поезијата“. Оваа низа, со сиот сјај и низ сите жанрови, нė потсетува на величествената улога на уметноста со која сме почестени, додаде таа.

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година на иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските работници на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина), а во соработка со градот – домаќин Битола и Кинотеката на Северна Македонија.

Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата МАНАКИ: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964, кому воедно годинава му одбележуваме и 135 години од раѓањето). Со тоа природно биле удрени темелите на идниот фестивал, во градот под Пелистер, Градот на конзулите – Битола, каде што браќата Манаки имале фотографско студио и кино.

На почетокот замислен како „Манакиеви средби“, а потоа и Фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, фестивалот растеше со голем потенцијал, а по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 септември 1991, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златна, Сребрена и Бронзена камера 300.

Така, Битола стана мека на најдобрите светски директори на фотографија, откривајќи многу нови таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на нашиот фестивал, а паралелно овенчани и со славата на оскаровците кои низ годините шетаа по улиците на Битола, која ја сметаат за свое уметничко гнездо.

Покрај плејадата лауреати на наградите од Официјалната конкуренција-КАМЕРА 300, фестивалот „Браќа Манаки” е горд и на својот КЛУБ НА ВЕЛИКАНИТЕ, во кој влегуваат најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија, кои станаа добитници на двете почесни врвни награди: „Златната камера 300“ за животно дело и „Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност”.

Од 2013 година е воведена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.

Слични содржини