Костадиновска-Стојчевска му посака добредојде на австрискиот претседател Александер ван дер Белен

од Nikola Popovski

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на граничниот премин „Ќафасан“ го пречека претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, кој на покана од претседателот Стево Пендаровски, денеска и утре престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Костадиновска-Стојчевска му посака пријатен престој на сојузниот претседател Ван дер Белен и ги истакна добрите односи помеѓу двете земји, вклучително и во областа на културата.

Костадиновска-Стојчевска додаде дека оваа официјална посета ќе даде дополнителен импулс во зацврстувањето на пријателските врски помеѓу Северна Македонија и Австрија. Министерката за култура изрази задоволство што покрај официјалната програма, делегацијата ќе има можност да се запознае и со македонското современо творештво, со традицијата и, секако, со значајни културно-историски споменици и локалитети во Охрид и во Скопје.

Претседателот Ван дер Белен утре ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Австрија.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Ван дер Белен и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев. Предвидено е двајцата претседатели да се обратат на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.

За време на официјалната посета, австрискиот претседател Ван дер Белен ќе оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Својата официјалната посета на Република Северна Македонија австрискиот претседател Ван дер Белен ја започнува денеска со посета на Охрид.

Слични содржини