Костадиновска-Стојчевска за концертот на Ласкова: Партиската припадност не била критериум за финансирање на проект

од Nikola Popovski
239 прегледи

Партиска припадност никогаш не било и нема да биде критериум на овој конкурс за финансирање на проекти од јавен и национален интерес. Не би сакала да ја коментирам реакцијата на Ласкова, но никогаш повеќе ова Министерство нема да одлучува по партиски клуч како што беше пред неколку години како што сите паметиме дека се случуваше, изјави денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска запрашана за проектот на фолк-пејачката и член на СДСМ, Цветанка Ласкова поддржан од Министерството за култура со 300.000 денари, со кој беше предвиден концерт како заокружување на нејзината 50-годишна кариера.

Министерката потенцира дека секој проект за кој што Комисијата ќе одлучи дека е квалитетен, треба да се поддржи.

-Никогаш да не се гледа на индивидуалност и партиска припадност, како што сум сигурна дека Комисијата ниту за овој проект не го правеше, порача Костадиновска-Стојчевска како одговор на новинарско прашање.

Ласкова синоќа побара организаторот кој конкурирал со идејата за нејзин јубулеен концерт да ги одбие одобрените средства, потенцирајќи дека тоа го бара заради сопствениот мир.

-Јас, Цветанка Ласкова, не конкурирав за одбележување на 50 години од мојата музичка кариера .Тоа беше идеја на продукциското студио ,,City Sound” DOOEL- Skopje, кое ми се обрати со предлог за концерт, преку моето творештво како интерпретатор, да се опфати 5 деценискиот развој на македонската фолк и поп музика. Овој проект го прифатив со чест и задоволство, но и покрај одличната идеја, заради својот мир, инсистирам организаторот на проектот, да ги врати одобрените средства во Министерството за култура, напиша таа на својот Фејсбук профил.

Слични содржини