Вчера претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијата Татјана Васиќ-Бозаџиева, се сретнаа со амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.
Како што информираат од Уставниот суд, на средбата, претседателот на Судот го информирал амбасадорот на ЕУ за актуелностите, но и за предизвиците со кои се соочува Судот во неговото работење во изминатиот период.
-Претседателот на Уставниот суд, г. Костадиновски, потенцира дека императивна заложба на Судот е да го чува Уставот, без разлика на какви било обиди за политизација и етнизација во неговото постапување. Заемна констатација беше дека заштитата на владеењето на правото и правната држава треба да биде врвен приоритет на сите фактори во нашето општество како единствен начин за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот. За таа цел, двајцата соговорници се согласија дека е неопходно да се обезбеди и почитува независноста и самостојноста на Уставниот суд, како впрочем и на целиот правосуден систем, во сите аспекти, велат од прес-службата на Уставен.
Пред неколку дена, Костадиновски изјави дека уставните судии се изложени на закани па дури и политички притисок, поради можната одлука за Законот за употребата на јазиците.
Костадиновски порача дека политичарите мора да ги тргнат рацете од судството, и рече дека судиите се изложени на закани. Исто така зборуваше дека не се точни наодите дека балансерот бил укинат, и дека правичната застапеност е во Уставот, кој Уставниот суд не може да го менува.
„Непримерна е изјавата на Мицкоски кога кажа кој ги бира судиите, и сега тој што ги бирал можел да има влијание“, рече Костадиновски.