Костовски: Мојата визија за Куманово е град на еднакви можности, град кој ќе понуди шанса и можност за сите млади да останат тука

Имаме прекрасна програма која нуди решение за проблемите на граѓаните, рече Костовски

од Vladimir Zorba
20 прегледи Фото: Фејсбук

На Куманово му е потребна промена која ќе донесе поинаква визија и еднакви можности за сите, порачаа на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник од Коалицијата предводена од СДСМ за Куманово, Мартин Костовски и носителот на листата, Томица Илиќ.

– Мојата визија за Куманово е град на еднакви можности, град кој ќе понуди шанса и можност за сите млади да останат тука да градат, бизнис, кариери, семејства, град со многу подобра инфраструктура, зеленило, грижлив однос за повозрасните преку институциите. Не ветувам чуда, ветувам работа, отвореност, инклузија. Ве повикувам сите да бидете дел од победничкиот тим на советници, да бидете дел од промената за отворено, модерно, урбано Куманово со нова енергија, рече Костовски.

Кампањата ќе ја водат преку презентација на проекти, користејќи ги традиционалните методи-средби со граѓани и преку социјалните мрежи за да бидат што подостапни за граѓаните. Тој е убеден дека ќе успеат да имаат мнозинство во советот и не само во Куманово, туку насекаде во Македонија.

– Имаме прекрасна програма која нуди решение за проблемите на граѓаните, рече Костовски.

Носителот на листата, Томица Илиќ, истакна дека кандидатската листа е составена од квалитетни луѓе, познати во својот делокруг на работење кои имаат визија во креирањето на локалните политики, додавајќи дека изборна програма е амбициозна и реално остварлива.

-И покрај сите премрежја со кои се соочи СДСМ Куманово во изминатиот период, остануваме доследни на нашата социјалдемократска идеја, за која, за жал морам да потенцирам дека многумина ја заборавија. Но, како борбена политичка партија повторно застануваме не пред, туку заедно со нашите кумановци да се обидеме да ги промениме состојбите, рече Илиќ и ги повика кумановци заеднички да се вложат за развој на градот.