Факт е дека не можеше Петков да избере полош лик од Михајлов и подобра бугарска делегација во која се Каракачанов и Захариева, за политичка провокација па и омаловажување на сите напори за приближување кон ЕУ што ги прави Македонија. Ако треба антифашистот Тито да го заборавиме, а фашистот Михајлов да го славиме како услов за влез во ЕУ и за кревањето на ветото од Бугарија тоа вистина ќе потрае или никогаш нема да се случи, вели во разговор за „Локално“ пратеникот од редовите на СДСМ и кординатор на североисточен регион, Мартин Костовски, по отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола викендов.
За објавата на „Ванчо Михајлов“ во која се вели дека како што Путин вештачки ја создал ДНР, така и Тито ја создал Македонија, Костовски смета дека е „најлесно да провоцираш, да не сработиш, да опструираш и така да останеш во статус кво состојба со години“.
– Можеби на некои структури им одговара Македонија да не се интегрира, да биде слаба и зависна држава. Ние сме вековна земја која имала тежок историски пат до својата независност. Знаеме кои сме и што сме. Горди сме и на нашите предци комити и на нашите предци партизани. Таа наша гордост на минатото ниедна провокација не може да ја минимизира. Сега е ред официјална делегација од Македонија со претставниците на ОМО илинден на 20 ти април да отиде на гробот на Јане Сандански на Пирин и да отвори клуб на Македонците во Сандански кој ќе биде мост во соработката меѓу двете земји. Само за да се тестира бугарската и европска толеранција, вели пратеникот.
Според него, бугарското вето ни одзема перманентно многу енергија, сила и време.
– СДСМ на моменти изгледа како да работи на сопствена штета и рејтинг, само и само да успееме да направиме чекор напред. За жал со последниве настани не можам да кажам дека тоа е пример и со Бугарија. За нас црвената линија е поставена и никогаш нема да се помине. Ние сме Македонци кои имаат свој идентитет, нација која има свој јазик македонски, и точка тука нема простор за дебата. Знаете дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаа и се уште продолжуваат да имаат френетични лажни обвинивања за национални предавства. Ништо не може да се договори без расправа во Собранието, без поддршка од мнозинството пратеници, додава Костовски.
Во однос на преговорите со Бугарија, Костовски не се сложува за пресврт во преговорите, меѓутоа можеби би подржал иницијативност за префрлање на притисокот на страна на Бугарија.
– Актуелната светска безбедносна криза дефинитивно се рефлектира и во соседна Бугарија, дефинитивно многу повеќе ќе им одговара да имаат сосед кој е дел од ЕУ со јасни прозападни и демократски политики, вели пратеникот.
Костовски е дециден дека меѓународна политика ја води Владата, Премиерот заедно со министерот за надворешни работи хируршки прецизно ги влечат потезите со цел да се дојде до достоинствено решение.
– „Црвените линии“ се поставени ние сме Македонци кои говорат македонски јазик и точка. Неспорен идентитет и јасни државнички визии. Влеговме во НАТО,ќе ги започнеме преговорите, затоа што веруваме во демократски и храбри политики, меѓутоа никогаш на штета на државните интереси. Едноставно многу е тешко да се види визионерски политика на Балканот, СДСМ секогаш била и е државничка партија така ќе биде и во иднина, смета тој.
Факт е дека во Бугарија живеат Македонци, факт е дека и во Уставот на Бугарија не се признаваат малцинства, вели на констатацијата на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова дека никој не може да ги натера да признаат „некакво си малцинство“, дури ниту Стразбур.
-Меѓутоа тука и може да направите паралела за демократичноста во двете држави. Бугарија никако и во никој случај несмее да ја користи и злоупотребува својата позиција како земја членка на ЕУ. Кирил Петков е млад политичар кој ветува, но дефинитивно определени ретроградни сили продуцираат кочење на процесот.Проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја стабилизира демократијата. На крај знаеме колку е важно Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ без одлагање, особено во контекст на војната во Украина, смета пратеникот.
Додава дека изборот на претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков да дојде на чествување на клубот на Бугарите „Ванчо Михајлов“ е несреќен, посочувајќи дека иако има личности кои ја обележуваат заедничката историја на денес посебните народи, македонскиот и бугарскиот, како Гоце Делчев и раководството на ВМРО во Отоманска Турција, „Ванчо Михајлов е личност која не разединува“.
– Светските енциклопедии пишуваат дека Иван Михајлов, последниот водач на ВМРО, се идентификува себеси со бугарскиот национализам и „историската национална држава на Бугарите“, која ја опфаќа и Македонија. Активен соработник со фашистичка Италија на Мусолини, со Унгарија на генералот Хорти и со нацистичка Германија на Хитлер, ја менува тактиката на својата организација насочувајќи ја кон индивидуални терористички акции. Така тој се спротиставува на српската окупација на Македонија, а најпознатата терористичка акција била убиството на кралот Александар со помош на усташите од Хрватска. Во последната фаза на Втората светска војна, пишуваат светските енциклопедии, тој, во недостиг на силна воена поддршка од Германија, се откажува од идејата да застане на чело на независна македонска држава, творба на Хитлер. Противник на македонската нација, Ванчо Михајлов, останува верен на своето мото дека е Бугарин од Македонија, вели Костовски.
М.А.