Во морето од партии на политичката сцена, довербата од граѓаните ќе сака да ја придобие и актуелниот градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски. Тој за вечерва најави официјална промоција на неговата партија ЗНАМ – За наша Македонија. Димитриевски, кој беше истакнат член на СДСМ, имаше одреден конфликт со централата на владеачката партија, која тактизираше со неговата кандидатура за втор градоначалнички мандат во Куманово во 2021 година. Димитриевски во неколку наврати посочи дека има поддршка, не само од поранешни членови на СДСМ, туку поддршка и од поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ и многу голем број на неопределени граѓани.
Што може да се очекува од новата партија?
Поранешниот партиски колега на Димитриевски и пратеник, Мартин Костовски во разговор за „Локално“ вели дека не очекува некакви турбуленции со формирањето на партијата на Димитриевски.
-Првин беше објавено гламурозно дека ќе се полни салата „Борис Трајковски“ за формирањето на новата партија на Максим Димитриевски, па паднаа на некоја сала во хотелот „Холидеј Ин“. Тоа е само показетел за веќе видена манипулација и обид да се етаблира не знам какво политичко здружение и партија по идеолошка основа, бидејќи тој се декларира како социјалдемократ, беше социјалдемократ и доби буквално се од СДСМ, а во јавноста поради ситни политички поени, прокламира крајно десничарски стаовви, со цел да има некаква поддршка од граѓаните, посочува Костовски.
Напротив, додава пратеникот, очекува во наредниот период сите луѓе кои што во моменти, заради објективни или субјетивни причини, му дадоа поддршка, а се од редовите на „Бихаќка“ ден поскоро да се вратат во својата матична партија бидејќи, како што истакнува, СДСМ е државотворна партија и која докажала во изминатите 30 години дека секогаш стои на браникот на интересите на Македонија.
Често се прават аналогии меѓу Димитриевски и Тито Петковски, кој исто така своевремено се отколони од СДСМ и ја формираше НСДП, по што постигна респектабилен изборен резултат и направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Никола Груевски. Според Костовски, таа паралела многу често се користи во некои политички анализи.
-Првин и основно, Тито Петковски е една политичка грамада која играше значајна улога во сите збиднувања од независноста,па до моментот кога беше политички активен. Далеку од тоа дека Максим Димитриевски го има тој политички габарит да покрене трета опција. Човекој кој доби се и беше милуван од СДСМ – беше советник, во сите можни тела на партијата, па беше претседател на Советот од СДСМ, па пратеник, градоначалник… одлична кариера за секој сопартиец кој сака да даде максимум за своето работење, во моментот кога нешто не е по негово, тој се осмели да прави своја независна листа и партија. Сето тоа придонесува за шареноликост на политичката сцена и јас како демократ по убедување давам поддршка за што поширока лепеза на избор на граѓаните, но сепак во партијата на Димитриевски луѓето нема што да добијат, односно партијата нема што да понуди, тврди пратеникот на СДСМ.
Сепак оценува дека нема да дојде до соработка меѓу Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, бидејќи како што вели, не смета дека партијата на кумановскиот градоначалник ќе добие пратеничко место.
-Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Димитриевски е реалност, односно после локалните избори во 2021 година, го исанкаа Тони Михајловски. Тој самиот во неколку поткасти и интервјуа кажа дека е изигран од страна на Мицкоски – тоа е својствено од членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа коалиција веќе функционира во општина Куманово – поделени се директорските места како во јавните претрпијатија, така и во колачот на нивното владеење на општинско ниво. За жал, граѓаните не гледаат бенефити бидејќи Куманово во моментов е дупка и раскопан град, град без перспективи и град кој не наликува на она што значење моментум од владеење на СДСМ, кога се градеа биулевари, нови плоштади, спортски сали, градинки. Мислам дека Максим Димитриевски нема да освои ниту едно место во Собранието и таа соработка во Собранието нема да биде возможна, потенцира Костовски.
Димитриевски на локалните избори како кандидат за градоначалник на здружението „За наше Куманово“, во вториот круг победи со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, и сега се во владеачка коалиција во Куманово. „Ние претходно во Општина Куманово успеавме со една граѓанска иницијатива да победиме. Има многу луѓе кои што ќе се појават на оваа иницијатива коишто значат во нашето општество, а всушност никогаш не добиле шанса затоа што политичките системи се со затворени врати за таквите. Кај нас квалитетот ќе добие шанса во однос на квантитетот. Тимот на Максим Димитриевски победи во Куманово и знае што треба да направи во иднина за да победи и Македонија да ја направи посреќно место за живеење”, порача неодамна градоначалникот. Според информациите, првите луѓе во тимот на Димитриевски се главно поранешни членови на СДСМ и други партии, кои и предходно извршувале високи општествени и партиски функции.
Н.П.