Режисерката Котевска за „Силјан“: Ги следевме штрковите од моментот кога ќе се испилат, неколку гнезда се израснати со нашиот дрон

При снимањето на филмот „Приказна за Силјан“, живеевме неколку месеци во трелер, снимавме на местата каде има штркови, одевме од гнездо до гнездо. Ни требаше време да се зближиме со штркот, бидејќи се плашеа од дронот и беа заштитнички настроени, и почнавме да ги следиме од моментот кога ќе се испилат. Имавме и инцидент, минатата година дел од материјалот бил украден, посочи на денешната прес-конференција режисерката Тамара Котевскa.

од Бисера Трајковска
57 прегледи Фото: Локално

При снимањето на филмот „Приказна за Силјан“, живеевме неколку месеци во трелер, снимавме на местата каде има штркови, одевме од гнездо до гнездо. Ни требаше време да се зближиме со штркот, бидејќи се плашеа од дронот и беа заштитнички настроени, и почнавме да ги следиме од моментот кога ќе се испилат. Имавме и инцидент, минатата година дел од материјалот бил украден, посочи на денешната прес-конференција режисерката Тамара Котевскa.

Како што информираше, имале лош инцидент со штета од околу 4 илјади евра.

-Додека снимавме на ниви во регионот околу Чешиново, каде што нема ни луѓе, некој селанец поминувал со камен го скршил прозорот , ни го собрал лаптопот и објективите. За среќа дронот го немаше земено, но доста квалитетен материјал го немаше. Беше многу тешко да продолжиме и истраеме во тоа, додаде Котевска.

„Силјан“ е копродукција со американската компаија „Конкордија“ и британската „Корнершоп“. Во продуцискиот тим е и Жан Дакар, кој е кинематогафер, Јорданчо Пековски и монтажерот е Мартин Иванов.

Симболиката на филмот се крие во приказната момчето Силјан кое, по кавга со татко му, се претвора во штрк и го напушта својот дом. Преку симболиката всушност се прикажува една современа приказна за судбината на источна Македонија, преку односот меѓу еден земјоделец и штркот.

Котевска на денешната прес-конференција, објаснувајќи го процесот на создвање на филмот, објасни дека имаат кадри од штрково „торнадо“, односно движење во круг на јато од стотици штркови. Се приближувале и влегувале до окото на некој штрк. Успеале да најдат соодветен тип на дрон кој може тоа да го направи.

-Ни требаше многу време да можеме да се зближиме кога штрковите се во гнездо, бидејќи се плашеа од дронот, реагираа многу лошо, скокаа и беа заштитнички настроени. Но, ние посветувавме многу време на секое гнездо. научивме дека треба да ги следиме уште од кога ќе се испилат, а растат во рок од неколку месеци. Ние имаме неколку гнезда кои ги следевме од малечко штркче кое само што ќе се изведе, целиот процес како расте, како учи да лета, како полетува. Неколку гнезда се буквално израснати со нашиот дрон, тоа им е како мајка, рече Котевска.

Фото: Локално

Таа додаде дека најпрвин немало ниту еден заинтересиран странски финансиер, но сепак продолжиле со снимање.

-Овој филм имаше тежок пат како „Медена земја“, во однос на неговото создавање. Создавањето на филм буквално го почнавме со премногу мал тим, и поминавме година дена без никакво сознание за какво било финансирање, со сопствена желба и финансии. Многу е често да се мисли дека после „Медена земја“, патот за филм е лесен и сакам да напоменам дека воопшто не е така. Секој филм почнува од ново и истата е битка а очекувањата се огромни, рече Котевска.

Како што посочи, филмот е чиста документаристика на кој, отпосле, откако е снимен целиот материјал е најдена форма со бајката за Силјан.

-Оваа форма му го дава тој игран момент или играно чувство, меѓутоа филмот е чиста опсервација на штрковите и на земјоделците. Паралелата со Никола за мене како автор беше многу атрактивна, бидејќи тој е човек во транзициона фаза да почнат да работат на депонија, бидејќи имаат криза со земјоделието. Детално истражував за оваа паралела, рече Котевска.

Продуцентот Јорданчо Петковски денеска на прес-конференција напомена дека филмот настанал случајно, и при целото истражување учеле како е да се работи со штрковите.

-Во сценариото на филмот се најде штркот. Јас како продуцент првпат се соочувам со таков момент, сум снимал со мечки но штрк никогаш. Почнавме истражување за тоа како е да се работи со штрковите, што се значат штрковите, што би значеле во играниот филм и во тоа истражување почна една ваква приказна. Ни требаше година дена да дојдеме до финансиери. Тоа беше тешка година, кога не знаете ни дали да продолжите со снимање, дали да почекате, додаде Петковски.

Б.Т.