„За да добијат државјанство, тие го докажале своето бугарско потекло и потпишале документ во кој наведуваат дека се чувствуваат како етнички Бугари. Треба да се воведе церемонија со фотографија за институционално сеќавање пред знамето и грбот како знак на почит и свеченост, а треба да има и транспарентност преку јавен регистар“, порачал бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за лицата кои се стекнале со бугарски пасош и државјанство, со што вели дека ги докажале своите бугарски корени.
Во интервју за „24 часа.бг“, европратеникот кој доаѓа од редовите на владеачката ГЕРБ, говорел за Македонија и нашиот европски пат. Според него, за прв пат, Европската комисија дава конкретни години за завршување на преговорите: за Црна Гора 2026, за Албанија 2027, за Молдавија и Украина 2028.
-И јасно признава дека Македонија, Србија и Босна и Херцеговина заостануваат. Ова значи дека Македонија не успева да постигне напредок ниту во реформите ниту во однос на европската интеграција бидејќи Владата беше зафатена со победата на локалните избори. (ВМРО)ДПМНЕ убедливо победи, но ризикувајќи ја европската интеграција на своите граѓани со квазинационалистичка кампања против она што самата држава го прифати во преговарачката рамка – вклучувањето на Бугарите во сите делови од Уставот и спроведувањето на договорот со Бугарија, заедно со протоколите, истакнал Ковачев.
Запрашан дали смета дека македонската политика сега може да се промени или Бугарија повторно ќе биде притисната од Европа да го прифати ставот на Скопјe, европратеникот вели дека е „апсурдно да се верува во такво нешто“.
– Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и комесарката за проширување Марта Кос постојано повторуваат дека РСМ мора да ги исполни условите што ги прифатила. Видовме позитивни сигнали со потпишувањето на договорот меѓу двете министерства за транспорт во Ѓуешево за изградба на заедничкиот тунел на границата и завршувањето на железничката врска меѓу Скопје и Софија, која е исто така дел од Коридорот број 8 – исклучително важна врска не само за трговија, за туризам, туку и за одбрана, врската меѓу Јадранското и Црното Море, посочил европратеникот.
Ковачев се осврнува на фактот дека, како што вели, многу голем дел од граѓаните на Македонија добиле бугарско државјанство. Апелира до неговите колеги во Народното собрание на Бугарија и до тамошниот министер за правда да ги усвојат промените во Законот за бугарско државјанство и да формираат јавен регистар за да се знае кој побарал бугарско државјанство, со ограничен број на податоци, за да не биде во спротивна на европското законодавство.
– Оние кои се плашат дека ова може да доведе до негативни последици за нив и нивните семејства можат да поднесат барање да не бидат вклучени во овој јавен регистар. Но, еднаш засекогаш, оваа стигматизација мора да се надмине. Имаме податоци дека околу 200.000 граѓани на РСМ добиле бугарско државјанство по потекло. Многу е важно да се анализира како се добива бугарско државјанство по потекло – тие докажале со документи дека нивните предци, баби и дедовци биле дел од бугарската егзархија, училиште или војска. Тие имаат докази и потпишале документ дека во моментот се чувствуваат етнички Бугари. Значи, ги покриле сите критериуми според законот за докажано бугарско потекло, но тој засега ги крие. Врската со бугарската држава е едно, кога вработен им дава пасош и лична карта и тие повеќе немаат никаква врска со Бугарија. Затоа, апсолутно е задолжително да се одржи церемонија со институционална меморија – фотографија пред знамето и грбот. И јавен регистар, повторно со можност за ограничување за оние кои се чувствуваат загрозени, побарал Ковачев во интервјуто.
Бугарскиот функционер исто така навел дека „останува подадената рака од Софија до македонските власти“ и „нивна е одговорноста до кој степен искрено сакаат полноправно членство во ЕУ“.
-Тоа е поврзано со исполнувањето на критериумите што ги усвоија. Ова не се двојни стандарди, тие не се надвор од Копенхашките критериуми, како што велат. Ова се основни човекови права што мора да се почитуваат! Права на граѓаните кои отворено сакаат да го декларираат својот бугарски идентитет – да не бидат подложени на дискриминација. И земјата кандидат не може на никаков начин да поставува услови за полноправна членка, како што е Бугарија во овој случај, додал Ковачев, говорејќи за уставните измени и внесувањето на бугарската заедница во македонскиот Устав.